Главниот обвинител на Унгарија поднесе оставка поради неприфатлив „јавен и политички притисок“


Државниот обвинител на Унгарија, Габор Балинт Наѓ, денеска соопшти дека поднел оставка и оти функцијата ќе ја напушти на 25 август, наведувајќи дека обвинителството било изложено на неприфатливи јавни притисоци.

„Во последниот период обвинителството со кое раководам беше изложено на низа напади насочени кон мојата личност, кои ги надминаа границите на прифатливата професионална и јавна дебата“ – наведе Наѓ во соопштението испратено по електронска пошта.

Тој истакна дека заштитата на независноста и авторитетот на правосудството, вклучително и на обвинителството, претставува темел на демократскиот институционален систем.

– Обвинителството не смее да стане средство за политички пресметки, ниту сцена за секојдневни политички интереси или борба за власт – додаде Наѓ.

Оставката ја доставил до привремената претседателка на Унгарија, Агнеш Форштофер, и до заменичката на претседателот на парламентот, Анико Халер Наѓ, која во моментов ја извршува должноста претседател на парламентот.

Во оставката предложил неговиот мандат да заврши на 25 август.

Според унгарскиот портал ХВГ (HVG), кој се повикува на изјави на премиерот Петер Маѓар, оставката би можела да биде поврзана со истрагата за запирањето на две оклопни возила на „Ошадбанка“ во близина на Будимпешта на 5 март 2026 година.

Во возилата биле пронајдени 40 милиони американски долари, 35 милиони евра и девет килограми злато, кои биле транспортирани како дел од редовен трансфер меѓу австриската „Рајфајзен банка“ (Raiffeisen Bank) и „Ошадбанка“.

По доаѓањето на власт, премиерот Петер Маѓар нареди истрага за работата на повеќе државни институции поврзани со случајот, меѓу кои се Националната даночна и царинска управа и Центарот за борба против тероризмот

Back to top button
Close