Гнев, сарказам, хумор – реакции на формирањето Супер лига

Додека неколку фудбалски клубови во странска сопственост најавија планови за „растурање“ на европскиот фудбал преку формирање Супер лига, еден клуб во американска сопственост со задоволство објави дека нема намера да се приклучи кон новото натпреварува

-И покрај двете победи од по 4:0 оваа недела, можеме да потврдиме дека нема да бараме членство во европската Супер лига, објави во шеговит стил на својот твитер профил велшкиот клуб Врексам, кој се натпреварува во петтата англиска дивизија, а од неодамна е во сопственост на холивудските ѕвезди Рајан Рејнолдс и Роб Макелхени.

Реакциите на потенцијалните сеизмички промени што ги туркаат 12 моќни европски клубови се движат од хумор до сарказам, од осуда до гнев.

-Освоивме ист број титули во Премиер лигата како и Тотенхем, но сакаме да потврдиме дека нема да учествуваме во какво било Супер лига, објави ирскиот прволигаш Бреј Вондерерс.

Рускиот прволигаш Спартак Москва им се обрати директно на навивачите на 12 клубови, кои би можеле да бидат незадоволни од развојот на настаните.

-Доколку ви е потребен нов клуб за кој ќе навивате, тука сме за вас. Срдечен поздрав, Спартак Москва, наведе рускиот клуб.

Тотенхем е еден од клубовите кој стави потпис на формирањето на новото натпреварување, а неговите навивачи му порачаа на клупското раководство дека „го предале клубот и неговата историја“

Приврзаниците на лондонскиот премиерлигаш му порачаа на раководството дека е подготвено да го „ризикува угледот на клубот и неговата иднина во потрага по профит и повикаа на промена на сопственичката структура доколку Тотенхем веднаш не се повлече од Супер лигата“.

Одлуката на своите клупски раководства како предавство ја оценија и навивачите на преостанатите четири англиските клубови кои се приклучија на новиот проект – Челзи, Арсенал, Манчестер јунајтед и Манчестер сити.

Реагираа и претседателите на фудбалските федерации на Шведска, Романија, Данска, како и руската Премиер лига, германската Бундеслига …

-Ова е лоша идеја од повеќе причини … Бесмислено е да се формира затворена лига во која единствена цел на клубовите ќе бидат парите, изјави првиот човек на Фудбалската федерација на Данска Јакоб Јенсен.

Back to top button
Close