Годишнината од раѓањето на Ванчо Николески одбележана со промоција на книгата „Охридски писатели за деца и младинци“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски

Денеска, на денот на одбележувањето на годишнина од раѓањето на основоположникот на македонската литература за деца и млади, Ванчо Николески (1912), пред бројна публика, во големата сала на општина Охрид, беше промовирана книгата „Охридски писатели за деца и младинци“ од проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски.

Книгата е деветта, по ред, од едицијата „Охридско книжевно наследство“ што ја издаваат градоначалникот Кирил Пецаков и Општина Охрид, со уредништво на професор Митре Вељаноски.
Професорот Перчо Божиноски, во својство на заменик на градоначалникот, Ванчо Николески го опиша како човек со мили кафени очи и глас, со моќ да ги стиши и најбунтовните говорници, но и како творец на првата македонска стихозбирка за деца „Македонче“.
За него, познатиот македонски автор, Борис Бојаџиски има кажано :„Многу писатели правеле опити да пишуваат за деца, но тоа не им одело од рака“ затоа што таа волшебна моќ да се одвлече вниманието на децата и младите, да се допре во нивната фантазија го имаат малкумина, оние чии најпознати дела се токму на страниците од книгата за која денес ја организиравме оваа средба.
Професор Божиноски ги наведе и останатите застапени автори.
-На страниците на книгата ќе ги пронајдете најубавите песни и раскази напишани од перото на Григор Прличев, Кузман Шапкарев, Евтим Спространов, па низ страниците на првите македонски повоени весници ќе дојдете до писанијата на нашите драги: Ванчо Николески, Борис Бојаџиски, Живко Чинго, Видое Видически, Бошко Смаќоски, Трајан Петровски, Светлана Христова Јоциќ, Смиле Наумоски-Брсјак, Бранко Цветковски и многу други.

Сето наше литературно богатство за деца и млади е сконцентрирано во оваа прекрасно уредена книшка, заврши Божиноски, упатувајќи благодарност до авторите Пандев и Ѓорѓо Димоски, како што рече, дарители на овој прекрасен труд.
Промоторот на книгата, професорката, м-р Ирена Бачиќ, исто така, потенцираше дека најновиот труд на Пандев и Ѓорѓо Димоски, многу умешно, на 260 страници текст, го избрале највпечатливото поетско и прозно тбворештво за деца и млади, по кое, е одбележана македонскатака творечка ризница.
Пред присутните се обрати и поетот Смиле Наумоски Брсјак кој со свои творби е застапен во делото.
Беше прочитано и посланието од претседателот на Здружението за култура и литература МАЦКОВО Веле Митаноски, кое, во Охрид, Лескоец и родното село на Ванчо Николески, Црвена Вода, шеста година по ред, го организира Балканскиот поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“.

Веле Митаноски

Back to top button
Close