ГОЛЕМО “НЕ“ ЗА ЛИДЕРСКА СРЕДБА

м-р. Глигор Стоименов

Почитувани, веднаш на почетокот да кажам дека ја поддржувам одлуката на лидерот на опозицијата и претседател на СДСМ да не присуствува на средбата со лидерите на парламентарните партии.

Зошто??

А со кого и за што ќе разговара лидерот на опозицијата?? Главни теми на оваа средба би биле укинување на Техничката влада, реформската агенда и одблокирање на процесот на евроинтеграции!!

Сега им текнало да ја укинуваат техничката влада. Партијата на власт која узурпира и партизира се што мрда и се движи, од гувернер на НБМ до хигиеничарка, која денесе Резолуција против слободата на говорот, сега бара укинување на техничката влада, демек сме биле демократски зрели веќе и немало потреба од тоа. Аууу!! Во нашата Македонија секој може да бара укинување на техничка влада освен владејачката партија. Техничка влада се создаде токму поради нив затоа што не покажаа зрелост и спремност во даден временски период да спроведат демократски и фер избори. Сега мислам дека се уште помалку зрели и спремни од колку во 2016 година за да спроведат фер и демократски избори. Едноставно така ја разбираат политиката, како доминација, партизација и узурпација. Токму затоа мислам дека Техничката влада мора да опстои.

Што се однесува до Реформската агенда тоа е нешто за што требаше да се разговара уште минатата година но нема никаква политичка волја за тоа. Ништо нема од тоа. За реформската агенда и за преговори со ЕУ оваа политичка гарнитура на власт е заинтересирана како за ланскиот снег, за што би се разговарало не знам? Велат за одблокирање на евроинтеграциите?? Па би требало да разговараат веројатно за “самоодблокирање“ на евроинтеграциите затоа што до сега се самоблокираа!! Ние немаме никаква блокада од никого на нашиот евроинтегративен пат, ние самите се блокираме, веројатно за тоа треба да се разговара на таа лидерска средба? Но за тоа не треба средби, едноставно владата треба да одлучи да ја повлече својата неразумна одлука да се самоблокира!! Токму затоа мислам дека одлуката за бојкот на вакви непродуктивни настани треба да се поддржи. Едноставно оваа политика треба да се делегитимира а никако да се легитимира.

Со оние кои свесно и со умисла ја загрозуваат иднината на нашата земја, кои свесно и манипуативно не држат во изолација, оние кои ја бранат тезата дека нема пари за народот и треба да останеме најсиромашна нација во Европа со најниска просечна плата, кои го сметаат македонскиот народ како “толпа“ на која може се да му “продадат“, со такви што можете да преговарате??

Напишавме страници и страници објаснувајќи ја безпредметноста на отворање на прашањата околу нашиот идентитет, јазик и култура во рамките на преговорите со ЕУ, но не вреди ништо. Повторно се служат со исти трикови како она што се обидоа да го направат во Европскиот парламент пред неколку месеци!! Но ова е само погубна политика на евтини трикови и популизам само за рејтинг, ова не е политика за опстанок и просперитет на Македонската нација и држава.

Повторно денес за жал гледаме исти трикови, како ова со Акцискиот план за малцинствата!! “Ете, видовте, Бугарија не го признава нашиот јазик, нашиот идентитет, тоа било работата не друго, затоа не може Бугари во устав“, така вели нашата официјална политика!!

Но како стојат работите?

Почитувани, токму затоа беше предложен Францускиот предлог и креирана Преговарачката рамка, за да не може Бугарија да не блокира понатаму и покрај тоа што не го признава нашиот јазик и нашиот идентитет пред 1945!! Па тоа е суштината. Непризнавањето на нашиот јазик од страна на Бугарија нас не треба да не засега, тоа така и ќе остане и Бугарија се има и официјално изјаснето за ова прашање и тоа е веќе затворено прашање!! Не се согласувам со тоа ама тоа е реалноста!! Зошто повторно го отвораме ова прашање?? Нашиот јазик и идентитет веќе е признат во ЕУ, признат во целиот свет, тоа е затворено прашање. Зошто некој манипулира со овие работи, (владата) мене не ми е јасно. Нашиот преговарачки процес со ЕУ не зависи од тоа дали Бугарија го признава нашиот јазик и идентитет, воопшто не зависи. Бугарија ќе продолжи да го прави тоа уште 100 години можеби, но ние ќе преговараме и ќе станеме членка на ЕУ, ова прашање ќе остане се уште така како што Бугарија се определила согласно нивната национална и политичка доктрина.

Се прашувам долго време, зашто нашиот народ не може да го разбере ова, ние немаме веќе работа со Бугарија, ние не преговараме со Бугарија туку со ЕУ, ние нема што да одблокираме, освен самите да се самоодблокираме!!

Што се однесува до актуелните случувања деновиве во светот како и политиката на Трамп и Америка кон одредени земји, ние како мала држава со мало и симболично влијание во меѓународната политика треба да даваме мудри, одмерени и промислени изјави. Никако да се “истрчуваме“ пред сите и да ни се смеат после, како онаа изјава на нашиот министер за надворешни работи околу настаните во Венецуела. Демек ние први ќе му се “упикаме“ на Трамп и тој ќе не “пофали“, смешно и аматерски. Слушнале нашиве дека некои црни листи ќе се правеле во САД па сега како исплашени се залетаа први да се наредат во редот за “баци рака“ на Трамп, абе “циркус Медрано“. Доналд Трамп на карта не знае кај сме а не пак да знае дека министерот и владата на Македонија се на негова линија!! Тоа едноставно не го интересира. Инаку и да знае тоа многу би му значело, таа “огромна поддршка“!! Една сериозна надворешна политика како што ние не сме, требаше пред се да ја следи официјалната политика на ЕУ, нормално со еден балансиран став малку повеќе од другите наклонет кон САД. За малите држави во меѓународната политика секогаш правилото е да не брзаат туку да чекаат поголемите да се изјаснат за нешто па потоа тие, едноставно убаво да мерат и да сечат. Имено ние требаше да ја поддржиме политиката на САД како наш најважен стратешки сојузник но да се задржиме на почитување на меѓународното право и меѓународните правила во светот. Тоа би било една балансирана изјава каква што требаше да завземеме како држава.

П.С. Во последниов период на медиумската сцена сведоци сме на една валкана дебата и напади кон опозицијата која се води од страна на еден новинар, многу суетен, во сериозно “пензионерско доба“, кој повеќе од една година пишува, клевети, навредува, изнесува еден куп лажни конструкции против секој оној што мисли спротивно од неговата “политичка агенда“ читај опозицијата. Еден експерт за се и сешто. Истиот тој кога дојде време да му вратат и да го “исплескаат по газот“ за сите досегашни глупости што ги прави наеднаш почна да плаче и да вреска како бил тој многу напаѓан. Вакви медиумски “кловнови“ и “херои“ кои бранат партија на власт имало до сега многу. Имало и началници и што све не, ама овој сака да биде и над началникот. Се преценил изгледа? Ова е пример како може на крајот на работниот век сето она што сте го правеле и граделе во својата кариера да го изгазите под нозе само за да добиете некакво внимание да се почувствувате важен. Жално е да ги гледате тие луѓе. Мој совет до опозицијата е да ја прекине дебатата со вакви “дотраени“ ликови и да не им придава повеќе значење. Колку повеќе им придавате значење тие добиваат на важност, во спротивно ќе “овенат“, ова е само мој совет и еден мал придонес за тоа како треба во иднина да се справуваме со вакви појави во општеството.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Back to top button
Close