Горан Герасимовски е избран за потпретседател на СДСМ: Да се сплотиме, да се исправиме!


Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во обраќањето на седницата на Централниот одбор на СДСМ, на која беше избран за потпретседател на партијата, повика на сплотеност, меѓусебна доверба и заедничка работа.

„Не мора секогаш да мислиме исто. Не мора секогаш да се согласуваме. Но мора да знаеме што нè спојува. Тоа се нашите принципи, одбраната на социјалдемократијата и борбата за достоинствен живот на граѓаните“, порача Герасимовски.

– Advertisements –

Тој истакна дека различното мислење не треба да биде причина за поделби, туку поттик партијата да стане посилна. Според него, првиот чекор кон враќање на довербата кај граѓаните е членовите повеќе да разговараат, да се слушаат и да работат заедно.

„Само сплотени можеме силно да се спротивставиме на режимот на ДПМНЕ. Само сплотени можеме да ги браниме нашите вредности. И само сплотени можеме повторно да ја вратиме довербата на граѓаните“, рече Герасимовски.

Заблагодарувајќи му се на претседателот Венко Филипче и на сопартијците за довербата, Герасимовски нагласи дека функцијата ја прифаќа со големо чувство на одговорност. Тој порача дека ќе биде отворен за секој член, за секоја добра идеја и за секоја критика што може да ја направи партијата подобра.

„Нема место за поделби. Нема место за суети. Нема место за стоење настрана и чекање некој друг да ја заврши работата. Секој е важен. Секој е потребен. Силата на СДСМ никогаш не била во еден човек. Силата на СДСМ била во луѓето“, истакна Герасимовски.

Тој го заврши обраќањето со повик до сопартијците: „Да се сплотиме. Да се исправиме. И да покажеме дека СДСМ има сила повторно да оди напред“.

Back to top button
Close