Горан Стојков по прославата на МВР: „Како да не постојам во историјата на ЕБР, одбележувањето на јубилеј не е приватна прослава“

Генералот Горан Стојков повторно ја отвори темата за историјата на Единицата за брзо распоредување, тврдејќи дека институционално се премолчува фактот кој ја формирал единицата и кој бил нејзиниот прв командант.

Во објава по повод Денот на ЕБР, Стојков наведува дека единицата е наследник на Единицата за брзи интервенции „Лавови“ и дека за нејзиното формирање постојат оригинални документи.

Како поткрепа, тој објави и наредба од Министерството за внатрешни работи од 2001 година, во која се наведува дека Горан Стојков, тогаш распореден на работно место инспектор-придружник за обезбедување на претседателот на Владата, се задолжува да врши работи и задачи од работното место командант на Единицата за брза интервенција – „Лавови“, сметано од 1 април 2001 година.

Стојков вели дека пред неколку години, кога тогашниот командант на ЕБР го прашал дали поседува документација поврзана со формирањето на единицата, му ги доставил и наредбата за формирање и наредбата за неговото поставување за командант.

„Тогаш, за волја на вистината, во говорот на командантот беше споменато дека ЕБР е наследник на Единицата за брзи интервенции ‘Лавови’ и дека, како таква, одбележува 20 години од своето формирање“, пишува Стојков.

Но, според него, едно прашање останува неодговорено и денес.

„Кој ја формирал Единицата и кој бил нејзиниот прв командант?“, прашува тој.

Стојков тврди дека во документацијата и анализите на МВР постојат податоци за овој период, како и оригинални акти, а посочува дека и самиот сè уште ги поседува наредбите и решенијата поврзани со формирањето и раководењето на единицата.

Тој реагира и на начинот на кој е претставена историјата во спомен-собата на ЕБР.

— реклама —

„Во спомен-собата на Единицата има фотографии од голем број припадници кои биле дел од нејзината историја. Но, фотографија од првиот командант нема. Како да не постојам. Како да не постојат документите. Како да не постои периодот во кој таа Единица е создадена“, пишува Стојков.

Според него, историјата не треба да зависи од тоа кој во одреден момент е политички или институционално прифатлив.

„Историјата не се создава според тоа кому му одговара да биде споменат. Историјата се темели на документи, факти, сведоштва и луѓе кои биле таму кога сè започнувало“, наведува генералот.

Тој додава дека не треба да се заборави ниту генералот Горан Георгиевски – Зоља, за кого вели дека имал голем удел во создавањето и развојот на единицата.

И покрај критиките, Стојков им го честита празникот на сите поранешни, сегашни и идни припадници на ЕБР, но забележува дека се одбележува денот кога на Единицата за брзи интервенции ѝ било додадено името „Лавови“.

„Одбележувањето на еден ден или јубилеј не е приватна прослава. Тоа е историја. Тоа е традиција. И таа треба да се почитува“, порача Стојков.

Back to top button
Close