Гордана и Миле – жртви на семејно насилство?!

Неодамнешното барање на Гордана Јанкуловска да им се приклучи на оштетените во процесот за масовното прислушување „Тврдина/Таргет“ од страна на претходната власт во која самата со години беше министер за внатрешни работи; како и вчерашното тврдење на еден од адвокатите на Миле Јанакиески дека неговиот клиент не бил „близок соработник“ на Груевски, туку негова жртва, бидејќи и самиот бил предмет на обемно нелегално следење што го спроведувале криминални структури во (нивната) власт, раководени од самиот Груевски – се зачудувачка илустрација не само за очајничките стратегии на нивните одбрани во продолжените судски процеси во кои на Јанкуловска и Јанакиески им се закануваат долгогодишни затворски пресуди, туку и за методите на „семејното насилство“ со кое владееше претходната власт.

Нивната судбина е, несомнено, трагична, по сопствена заслуга. Но, и Јанкуловска и Јанакиески и денеска отворено не се соочуваат со насилникот во нивното „семејство“ (и во целото општество) Груевски, туку се обидуваат „парцијално“, со адвокатски трикчиња, да се испазарат со неминовноста на надоаѓачката правда. Делумно затоа што му беа беспоговорни извршители, а со тоа и соучесници во насилието што го спроведуваше Груевски (не им прилега сега да се прават недолжни жртви како „децата на Јозеф Фрицл“, што би рекол Тричко); а делумно и затоа што доколку седнат и отворено да ја раскажат целата приказна, во детали кои ни Обвинителството не ги знае (на пример, каде се парите?), веројатно би имале што да загубат.

Којзнае, можеби количеството на она што имаат да го загубат сè уште им ја смирува совеста за тоа како, во иднина, ќе се правдаат пред нивните деца што ќе им фалат во нивните животи токму кога најмногу ќе им бидат потребни…

А речиси сум сигурен дека уште пред повеќе години добиле обвинителски понуди да соработуваат со правдата! Ама, не, партијата им ангажираше скапи тимови на адвокати за да ги замајуваат дека ќе ги ослободат од вина и дека, еве, само што не се вратиле на власт за да можат да продолжат од каде што застанаа.

Целата колумна на Сашо Орданоски на „Цивил Медиа“ на следниот линк.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close