Град Скопје: Од 14 институции само ние реализираме конкретни мерки против аерозагадувањето

Град Скопје испрати соопштение до јавноста, тврдејќи дека тие се единствената институција која презема мерки за да се намали аерозагадувањето.

„Во услови на нотирано зголемено загадување на амбиенталниот воздух во Град Скопје, покрај Инспекторатот на Град Скопје, во градот има уште вкупно 14 институции кои имаат надлежност и обврска да постапуваат при загадување на животната средина и загрозување на здравјето на граѓаните меѓу кои Министерството за животна средина, Министерството за внатрешни работи, Државниот инспекторат за животна средина,  Државниот градежен инспекторат, инспекциските служби на 10те општини во град Скопје. Досега ЕДИНСТВЕНО градот Скопје секојдневно реагира, додека останатите не постапуваат иако за истото имаат законска обврска“.

Од Град Скопје велат дека минатата недела нивните инспектори за животна средина и комуналните инспектори изрекле казни на над 20 сторители, а секоја недела во просек се изрекуваат од 20 до 30 казни. Минатата година тие поднеле кривични пријави за исфрлање и согорување опасен отпад и загрозување на животната средина, како и за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад. Во тој отпад спаѓал и опасен канцероген отпад кој бил фрлен во зелен појас што освен што го грди градот, доведува и до опасност на животот и здравјето на скопјаните.
Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI
„За жал и по повеќе од две години сеуште нема реакција од обвинителството по поднесената кривична пријава за Усје, каде се измерени три пати повеќе ПМ10 честички кои се испуштаат во атмосферата од дозволените, на метар кубен секој час, што како сериозни прекршувања се спротивни на издадената А интегрирана еколошка лиценца, која ја издава Министерството за животна средина. За загадувањето од котларата за загревање на цементарницата утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотни оксиди NOx при што резултатите од мерењата покажале повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 милиграми односно покажале 711,9 милиграми на метар кубен.“, изјавуваат од институцијата.
Град Скопје вели дека реализирале конкретни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот меѓу кои и субвенции за инвертери, велосипеди, чистење оџаци и замена на азбестни кровови.
„Воедно се спроведуваат мерки за зголемена енергетска ефикасност, зголемени инспекциски контроли, нови зелени површини и појаси, нови велосипедски патеки. Со овие мерки и активности кои Град Скопје континуирано ги реализира, се делува превентивно кон изворите на загадување на воздухот кои потекнуваат од сообраќајот и користење несоодветни енергенси“.
Тие додаваат дека секој месец организираат еко-акции за садење дрвја и зазеленување нови површини во соработка со средните училишта. Дополнително, спомнуваат дека ќе градат мега парк во Карпош од 80.000 метри квадратни – нешто што се случува по 30 години.
„Се трансформираат запуштените површини во градска надлежност меѓу кои завршена е изградбата на новата Ботаничка градина во Скопје на површина од 12.700 метри квадратни. Зголемени се инспекциските контроли и воведени се вонредни инспекциски надзори на инсталации што подлежат на Б интегрирани дозволи и инсталации со одобрени елаборати за животна средина кои се во надлежност на Град Скопје, а надзори и изречени санкции има повеќе од сите останати општини заедно. Зголемени се инспекциските контроли и воведени се вонредни инспекциски надзори на градилиштата и возилата што излегуваат од градилиштата кои мораат да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината. Се спроведува зачестено машинско чистење на улиците и пешачките површини во надлежност на Град Скопје и нивно миење кога временските услови тоа го дозволуваат согласно законските рокови. Активно се контролира имплементација на одлуката и контрола на сообраќаен режим за тешки товарни возила чија крајна дестинација не е Скопје, во координација со МВР (да се користи обиколницата). Град Скопје аплицираше со свој проект и самостојно доби 6 еколошки автобуси од Европската Унија со цел подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух ( ниту ни донирало Министерство за животна средина ниту ни помогнало, иако со истото се фалат што е срам да го прикажуваат како единствена своја активност во 6 месеци работа)“
Од институцијата велат дека инспекторите ќе продолжат со засилениот инспекциски надзор на терен 24 часа и дека неселективно изрекуваат казни за сите ја загадуваат животната средина и го загрозуваат здравјето на граѓаните.
Тие додадоа и дека во изминатата година, имаат изречено казни од 9 до 100 илјади евра за правни лица и соодветни казни против физички лица кои се затекнати како креираат диви депонии, ги палат и го прекршуваат законот.

Back to top button
Close