Град Скопје: Во тек е јавниот повик за доделување стипендии на средношколци со попречености

Градските власти ги потсетува скопјани дека е во тек реализацијата на проектот „Стипендирање на средношколци со попречености, ученици во средните училишта на Град Скопје“, чија цел е подигање на квалитетот на образованието на оваа категорија на ученици. За таа намена Градот на 10 септември објави јавен повик за доделување 25 стипендии за ученици со попречености од средните училишта на Град Скопје во износ од 3.000 денари месечно по ученик, во времетраење од девет месеци за учебната 2020/2021 година.

Право на стипендија имаат редовни ученици со попречености што учат во средните училишта на Град Скопје, кои имаат наод и мислење за видот и степенот на попреченоста во психичкиот или физичкиот развој и специфичните потреби, издаден од надлежна установа. Тие треба да се македонски државјани и жители на Скопје, како и во текот на основното образование да имаат минимален просечен успех од 3,00 и да не се корисници на стипендија од друга институција, претпријатие или друга организација во учебната 2020/2021 година. Потребно е да немаат повторувано година во текот на своето образование, освен поради здравствени причини.

Од Градот потсетуваат дека Јавниот повик истекува  на 24 септември и прецизираат дека во постапката за доделување стипендии ќе влезат апликанти – средношколци, кои врз основа на критериумите ќе обезбедат најмалку 60 бодови, од вкупно 100 бодови.

-Евалуацијата на барањата ќе ја изврши Комисијата формирана од градоначалникот на Град Скопје, а во согласност со Правилникот за доделување на стипендии за средношколци со попречености кој е даден во прилог на Јавниот повик и објавен на веб-страницата на Град Скопје www.skopje.gov.mk, посочуваат од Град Скопје.

Заинтересираните повеќе податоци за начинот на пријавување и потребната документација можат да најдат на веб-странцата на Градот. Пријавите треба да се достават до Град Скопје, преку пошта на адреса: бул. „Илинден“ бр.82, 1000 Скопје, или во Архивата на Градот Скопје (барака 16), најдоцна до 24.09.2020 година до 19:00 часот со назнака: за „Јавен повик за доделување стипендии на средношколци со попречености, ученици во средните училишта на Град Скопје“.

Пријавите, нагласуваат од Градот, се доставуваат во затворен и запечатен коверт, без означување на апликантот кој ја поднесува пријавата. Неуредните пријави што не се доставени на начин како што се бара во, односно содржат нецелосни податоци и некомплетна документација, како и тие што нема да бидат доставени во наведениот рок, нема да се разгледуваат.

Списокот на избраните кандидати ќе биде јавно објавен на веб-страницата на Град Скопје www.skopje.gov.mk. Дополнителни информации можат да се добијат на телефон 3297-319.

Back to top button
Close