(ГРАФИКА) Околу 51 000 гласачи ги бојкотирале претседателските избори до 13 часот

Како што продолжува изборниот ден така продолжува и трендот кај дел од гласачите да ги бојкотираат претседателските избори. Според резултатите за излезеноста до 13 часот објавени на веб-страницата на Државната изборна комисија, разликата изнесува 3 процентни поени поголем одзив на парламентарните од вториот круг на претседателските избори. Тоа значи дека се зголемува бројот на избирачи кои одлучуваат да не го земат ливчето за избор на претседател.

Како што покажува графиката подолу, тоа значи и дека излезеноста на вториот круг од претседателските избори до 13 часот, по пребројани 98,4% од избирачите, е пониска од истиот период на гласање во првиот круг. На 24 април при првиот круг од претседателските избори до 13 часот гласаа 24,65% од електоратот, на пребројани 98,12% од избирачите. Или излезеноста на претседателските избори денеска е пониска за околу 2 процентни поени споредено со пред две недели.

 

 

 

 

 

Во апсолутни бројки, на парламентарните избори денеска, до 13 часот и на пребројани 97,81% од избирачите, гласале вкупно 457 562 лица. Во истиот временски период и на пребројани 98,4% од избирачите на вториот круг од претседателските избори гласале 406 735 гласачи. Тоа значи дека околу 51 000 гласачи, до 13 часот, решиле да го бојкотираат вториот круг од претседателските избори.

Споредено со првиот круг, на денешните претседателски избори има околу 32 000 гласачи помалку до 13 часот.

Сите овие бројки се важни затоа што за вториот круг од претседателските избори да биде успешен, односно да се избере претседател, потребно е на гласање да излезат најмалку 40% од вкупниот број запишани избирачи. Во апсолутни бројки, тоа значи дека од вкупните 1 814 317 избирачи, на гласање треба да излезат најмалку 725 727 гласачи.

Преземено 360 степени

 

Back to top button
Close