Грчките земјоделци започнуваат 48-часовна блокада низ цела Грција – ќе ги затворат граничните премини Евзони и Ники
Од 10 часот по македонско, 11 по локално време се очекува грчките земјоделци да го затворат граничниот премини Ники кон нашата земја, а еден час подоцна и Евзони, во рамките на 48-часовната блокада, односно денеска и утре да се блокира целата национална патна мрежа, споредните патишта и клучните патни правци во Грција, како и граничните премини, јави дописничката на МИА од Атина.

На Евзони, паркираните трактори од 1 декември, на кои вчера им се придружија и од четири други околни места, според последните информации на МИА, се очекува почнувајќи од 12 часот по локално време да го блокираат сообраќајот за сите возила, за влез и излез од Грција кон нашата земја, а засега не е познато колку ќе трае блокадата, со оглед на тоа што земјоделците, одлуките ги носат на лице место и во последен момент.
Слична е ситуацијата и на Ники (Меџитлија), каде што блокадата ќе започне еден час порано и ќе се однесува на камиони, автомобили и автобуси, но според АНА-МПА, земјоделците периодично ќе отвораат за сообраќај.
Единствено на граничниот премин Дојран сообраќајот се одвива непречено, со оглед на тоа што таму не се поставени блокади.
Затворени ќе бидат и граничните премини кон Бугарија, како и Какавија кон Албанија.
Во другите делови на Грција, блокади се планирани на автопатот Солун-Атина, на автопатот Егнатија, на автопатиштата на Пелопонез, како и автопатот во западна Грција.
Со блокадите на различни локации, Грција во следните 48 часа ќе биде поделена на два дела, со оглед на тоа што невозможно е да се стигне од Солун до Атина поради затворањето, не само на автопатиштата, туку и на споредните патишта.
Одлуката за 48-часовната блокада беше донесена на масовниот состанок одржан во неделата во Малгара во близина на Солун, кога претставниците на земјоделците одлучија радикализација на активностите, веднаш по Водици што во Грција е на 6 јануари.
Од друга страна, грчката Влада вчера детално ги објасни мерките за поддршка на земјоделците, вицепремиерот Костис Хаѕидакис уште еднаш посочи дека од 27 барања на земјоделците, 16 се исполнети или се третираат позитивно, четири се разгледуваат, додека пак седум се или вон буџетската или вон европската рамка и повтори дека секогаш се отворени за дијалог со земјоделците.
Дел од мерките предвидуваат намалување на цената на струјата на 8,5 центи за киловатчас до 2028 година, поврат на посебниот данок на потрошувачка на нафта, 100 отсто покриеност на обесштетувањето при елементарни непогоди, специјален баркод за потеклото на производите.
Со оглед на тоа што станува збор за познати мерки, земјоделците изразија незадоволство од она што вчера го соопшти Владата и одлучија да продолжат со планираната 48-часовна блокада.
Паралелно, обвинителот на Врховниот суд на Грција Константинос Ѕавелас испратил нова наредба до обвинителите во целата земја во однос на земјоделските блокади, во која потсетува на првата наредба од пред еден месец, барајќи да биде извршена.
На 9 декември, Ѕавелас побара, обвинителите, со помош на надлежните полициски органи да интервенираат во случаите кога се вршат кривични дела што се гонат по службена должност, во однос на земјоделските блокади и доколку со тоа се нарушува безбедноста во сообраќајот.
– Во последниот период се забележува појавата на нарушување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, со намера, главно преку поставување и одржување пречки, но и со други постапки подеднакво опасни за безбедноста на сообраќајот, со блокирање на движењето на возила, на јавни, национални и други патишта, од страна на учесници итн. во мобилизациите на земјоделците во земјата, пишува на почетокот на наредбата од минатиот месец.
Во наредбата на обвинителот се потсетува дека прекршоците поврзани со попречување на транспортот се гонат по службена должност, бидејќи непреченото функционирање на транспортната инфраструктура е општествено добро.
Според грчките медиуми, доколку земјоделците не ги запрат протестите и блокадите, Владата е подготвена да го спроведе „Планот Б“, што предвидува административни казни за оние кои продолжуваат со затворање на патиштата.
Протестите на земјоделците траат веќе 40 дена, со оглед на тоа што започнаа на 30 ноември.






