Грција и Турција се договорија за одржување нова средба за мерките за градење доверба

Министерствата за одбрана на Грција и Турција се договорија да го одржат четвртиот круг разговори за мерките за градење доверба, а за датумот и другите детали наскоро ќе биде донесена одлука, соопштија од грчкото Министерство за одбрана, јави дописничката на МИА од Атина.За посетата на Анкара на министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, портпаролот на грчкото МНР Александрос Папајоану на денешниот брифинг со новинарите, рече  дека средбите како со претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган, така и со шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу, поминале во позитивна клима.

Додаде дека особено важно беше што симболично Дендиас беше примен во претседателската палата и истакна дека ова беше прва посета на Анкара, по шест години на грчки министер за надворешни работи.

-Што ние сакавме од оваа посета? Основното нешто што го посакувавме и посакуваме, а секако тоа е и ставот на Владата е деескалација, мирен соживот со нашите соседи и на степен колку што е можно, ние посакуваме подобрување на односите како билатералните односи на Грција со Турција, така и на Европската Унија со Турција, рече Папајоану, додавајќи дека овие односи треба да се подобруваат врз основа на одредени правила и принципи, како што е меѓународното право, добрососедските односи, избегнување на употреба на насилство итн.

Паралелно, ја повтори и „позитивната агенда“, односно предлозите за продлабочување на соработката, главно во економијата.

Back to top button
Close