Груби: Рамислуваме да бараме гласање на уставните измени пред да се формира идната влада

Во ДУИ се размислува по изборите да се бара прво да се гласаат уставните измени за внесување на Бугарите во Преамбулата, а потоа да се оди на формирање влада – вели вицепремиерот Артан Груби во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашан за тоа на каков начин му пристапуваат на прашањето за уставните измени и формирањето идна влада.

„Разговараме во моментов дека слично како и во 2011 година, не знам дали се сеќавате, кога некои тешки одлуки се донесоа откако се конституираше Собранието, а пред да се формира владата, како што беше автентичното толкување на законот за амнестија и законот за јазици, истото да се повтори и по овие избори – пред да се формира која било влада, да се изгласаат уставните измени“,рече Груби.

На новинарска забелешка дека во периодот од конституирањето на Собранието до формирањето влада нема време да се завршат сите три фази од процедурата за носење уставни измени, Груби одговара:

„Штом се отвори процедурата со гласање на одлуката за притапување кон измени на Уставот со најмалку 80 гласа, волјата е јасна, нема да има изненадувања. Такво размислување (за инсистирање уставните измени да се гласаат пред формирањето влада, н.з.) има во ДУИ, такво размислување има во другите партии на Албанците, а тоа е директно или индиректно разговарано и со дел од албанската опозиција составена од деривати на ДУИ“.

Прашан да го коментира ставот на еден од лидерите на коалицијата на опозициски партии на Албанците, Билал Касами, кој одговарајќи за позицијата на ВМРО-ДПМНЕ дека ниту сега ниту во иднина нема да ги гласаат уставните измени под овие околности, рече дека е можно да се постигне нов договор со Бугарија, за динамиката на спроведување на преземените обврски и со дополнителни гаранции, Груби го обвини лидерот на Беса дека тесно соработува со ВМРО-ДПМНЕ.

„Ова му е напишано на господинот Касами во изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ и тој го научил на памет. Затоа што е идентичен со ставот на господинот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Затоа што сè што изустуваат од уста, сè што ќе напишат во соопштение е, всушност, пишано во штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Исти ставови, иста политика, исто размислување, ист начин на делување. Сето тоа е координирано од претходно. Јас ви кажав дека имавме напори за заеднички да имаме став за тоа дека ќе инсистираме уставните измени да бидат направени пред да биде формирана новата влада после изборите на 8 мај. До каде сме стигнале, сѐ уште не знаеме, затоа што имаме вакви ставови, различни од тоа што се зборува по состаноците и помеѓу себе и со меѓународната заедница и пред нивните гласачи. Додека во јавноста се претставуваат како портпароли на ВМРО-ДПМНЕ“,рече Груби во интервјуто.

Вицепремиерот повтори дека Демократската унија за интеграции има црвени линии од кои нема да отстапи, а тоа се гласањето на уставните измени, како и прифаќање на Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија.

Евентуално постизборно коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ со опозициските партии на Албанците, Артан Груби го интепретира како влада која ќе ја изолира државата 15-20 години. Тој предупредува дека таквите нови власти ќе сфатат оти владата им е апсолутно нефункционална, неодржлива и дека не е во интерес на државата.

„Лошо сценарио е за државата. Лошо сценарио е за граѓаните. Ќе влеземе во т.н бугарско сценарио со повторување на избори и изборни циклуси додека губиме европска перспектива. Оваа година е изборна година во речиси цел свет. А претежно во ЕУ и во САД. Не знам колку имаат време нашите граѓани да останат во статус кво и да не напредуваат, затоа што статус кво значи регрес, а не прогрес“,

Според него, гласачите треба да ценат кој носи храбри и стратешки одлуки за државата, а кој потхранува национализам и изолација за добивање избори.

„Тоа го имавме од 2006 до 2017 година, кога граѓаните се заплашуваа од непостоечки стравови од Грците, од Албанците, од Бугарите, од Србите – само за да владеат внатрешно и да добиваат гласови врз основа на заплашување на гласачите. Ние велиме обратното. Ние охрабруваме и кажуваме дека мора да се направат уставните измени ако сакаме да влеземе во ЕУ. Со уставните измени ништо лошо не ѝ се случува на Република Македонија, како што не ѝ се случи ниту со албанскиот јазик, ниту со универзитетите, ниту со правичната застапеност, ниту со Албанец премиер. Ете ја Македонија, опстои“,вели тој, повторувајќи дека гласачите треба да внимаваат дали ќе им дадат поддршка на партии кои ќе ја одвојат државата од ЕУ.

Прашан колку е веројатно да се формира влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ по изборите, Груби повторно како влог ја потенцира поддршката за уставните измени.

„Ако ВМРО-ДПМНЕ ги изгласа уставните измени пред формирањето на влада, зошто да не. Ако се реформирала доволно, ако е европски ориентирана, ако докаже дека е подготвена да жртвува од својот т.н. рејтинг за доброто на државата, како што направи СДСМ во минатото, тогаш – да, заслужува шанса. Но, ако остане на тој став дека ниту пред ниту потоа, ниту на следни избори нема да има уставни измени, тогаш што би барала ДУИ во една таква влада или во влада со партнер којшто гледа алтернативни решенија на ЕУ. Во ДУИ нема алтернатива. Нема алтернатива ЕУ, НАТО и стратешкото пријателство со САД. Не можеме да се најдеме во партнерство со Левица, со Јанко Бачев, со проруски сили, со проруска агенда во државата“,одговори тој.

Вицепремиерот изрази подготвеност ДУИ воопшто да не партиципира во следната влада, дури и да биде широка коалиција во прашање, само да се изгласаат уставните измени.

Back to top button
Close