Гутераш шокиран од погрешното толкување на неговите изјави и барањето на Израел да поднесе оставка
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш е шокиран од погрешните толкувања на неговата изјава пред Советот за безбедност на ОН по која Израел го повика да си поднесе оставка.
-Шокиран сум од погрешните толкувања со некои мои изјави… како да ги оправдував терористичките акти на Хамас. Ова е лажно. Беше спротивно. Верувам дека е неопходно да се исправи толкувањето – особено од почит кон жртвите и нивните семејства, изјави Гутераш.
Во вторникот во Њујорк, откако рече дека ниту една неправда кон Палестинците не може да ги оправда ужасните напади на Хамас, шефот на ОН продолжи: „Важно е да … признаеме дека нападите од Хамас не се случија во вакуум. Палестинскиот народ беше подложен на 56 години задушувачка окупација“.
Генералниот секретар на ОН создаде бес во Израел и кај некои републиканци во САД опишувајќи го израелското бомбардирање и блокада на Појасот Газа како „колективна казна на палестинскиот народ“ и „јасно кршење на меѓународното хуманитарно право“.
Португалскиот министер за надворешни работи Жоао Гомеш Кравињо во средата рече дека неговата влада ја поддржува позицијата на Антонио Гутереш за војната меѓу Израел и Хамас.
Португалскиот министер за надворешни работи, исто така, ги отфрли повиците на Израел Гутереш – кој е Португалец – да поднесе оставка.
И портпаролот на германската Влада, Штефен Хебестрајт одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Берлин истакна: „Генералниот секретар на ОН ја има довербата на германската Влада“.