Гувернерот на Калифорнија поднесе итно барање до федералниот суд поради Трамп


Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом поднесе барање за итна состојба во федералниот суд поради распоредувањето на маринци и припадници на Националната гарда во Лос Анџелес од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп.

Њусом бара од федералниот суд да го блокира Трамп и Министерството за одбрана во понатамошното ширење на военото присуство во Лос Анџелес. Итното барање е дел од тужбата што Њусом вчера ја поднесе, тврдејќи дека Трамп незаконски ги презел ингеренциите во сојузната држава Калифорнија и со тоа го прекршил нејзиниот суверенитет.

– Федералната Влада сега ја насочува војската против американските граѓани. Испраќањето обучени војници на улиците е без преседан и ја загрозува самата суштина на нашата демократија. Доналд Трамп се однесува како тиранин, а не како претседател. Бараме од судот веднаш да ги блокира овие нелегални потези, се наведува во барањето на Њусом.

Њусом и државниот обвинител Роб Бонта нагласуваат дека администрацијата на Трамп ја презела контролата врз 4.000 припадници на Калифорниската Национална гарда и нелегално распоредила маринците. Во тужбата се наведува дека овој потег е директно кршење на 10-тиот амандман од Уставот на САД и законските рамки, кои бараат согласност од гувернерот за федерализација на Националната гарда, што не беше почитувано во овој случај.

Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас денеска изјави дека федералната Влада ги „узурпира“ овластувањата на гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом.

– Луѓето ме прашуваат што ќе прават маринците кога ќе дојдат тука. Тоа е добро прашање, немам поим, истакна Бас.

Според неа, вистинско решение за прекинување на сегашните протести е федералната Влада да „ги запре рациите“, алудирајќи на масовните апсења на имигранти во Лос Анџелес што ги предизвикаа овие протести.

Претходно, командантот на Маринскиот корпус, генерал Ерик Смит изјави дека баталјон маринци веќе е распореден во Лос Анџелес и оти тие се подготвени да ги следат наредбите на Северната команда на САД, но оти сè уште не се повикани да интервенираат. Тој нагласи дека тие немаат овластување да вршат апсења и оти во Лос Анџелес се исклучиво за да го заштитат федералниот имот и федералниот персонал.

Портпаролката на Северната команда на САД потврди дека 700 маринците се распоредени во пошироката област на Лос Анџелес.

Во пошироката област на Лос Анџелес распоредени се и приближно 2.100 припадници на Калифорниската Национална гарда. Дополнителни 2.000 припадници на Националната гарда добија дозвола за распоредување, но сè уште не пристигнале во Лос Анџелес.

Американското Министерство за одбрана соопшти дека распоредувањето на Националната гарда и на маринците во Лос Анџелес ќе чини околу 134 милиони долари.

Во меѓувреме, Трамп предупреди дека ако има протести и во други американски градови, демонстрантите ќе се соочат со „иста или дури и поголема сила“ од Лос Анџелес. Тој повторно ги нарече демонстрантите „платени бунтовници“ и „предизвикувачи на немири“.

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет истакна дека маринци во Лос Анџелес ќе останат 60 дена.

Back to top button
Close