Славески во Бизнис21: „Минималната плата не значи дека можете да издржувате 4-члено семејство, но куповната моќ е повисока од 10 земји во ЕУ – автопатот ќе чини трипати повеќе“

Избор без афера и скандал
Славески истакна дека не знае точно што било пресудно за неговиот избор, но дека најверојатно придонес дало неговото 40-годишно искуство како професор, јавна интегритетна улога и тоа што никогаш не бил вмешан во афера или скандал.
Нема консензус – нема проблем
На прашањето дали му пречи што не доби поширок политички консензус, одговори:
„Не ми пречи. Од 90-тите сум имал спротивни ставови со СДСМ, и тоа е познато. Јас сум изложен во јавната сфера долго време.“
Монетарна политика и каматна стапка
Во однос на референтната каматна стапка, Славески изјави дека засега нема простор за намалување, но доколку условите дозволат, до крајот на годината би сакал да ја види пониска.
„Сè уште е висока, 5,35%. Сигналот е внимателност, но постои и простор за олеснување,“ рече тој.
Минимална плата: Куповна моќ над десет ЕУ земји
Славески изјави дека според податоците на Евростат, куповната моќ на минималната плата во Македонија е поголема отколку во десет земји членки на ЕУ.
„Во Скопје можете да пиете еспресо за 50 денари – тоа не е можно во многу други земји,“ посочи тој.
„Го извртевме значењето на минималната плата“
„Минималната плата никаде во светот не значи дека можете да издржувате четиричлено семејство. Јас сум работел за минимална плата во Бостон додека студирав. Тоа не е срамота, но целта е да не останете таму,“ порача Славески.
Британскиот кредит за Бехтел и Енка – ќе чини трипати повеќе?
Гувернерот остро реагираше за проектот со Бехтел и Енка:
„Требаше Груби да ги испланира тие средства пред да потпишува. 1,3 милијарди евра е номинална сума, реално очекувам да биде над 5 милијарди евра – два до три пати повеќе.“
Јавниот долг расте, повисоки камати не се избегнуваат
Славески предупреди дека јавниот долг за време на пандемијата скокнал за 10 процентни поени, а новите задолжувања мора да бидат внимателно испланирани.
„Кај британскиот кредит не очекувам реализација во 2025. Тоа ќе биде суксесивно задолжување, поврзано со проекти.“
Стапка на раст – реална, но недоволна
„Растот од 3% за 2025 и 4% за 2026 е реален, но не и доволен за Македонија. Потребни ни се повисоки стапки за вистински напредок,“ рече тој, потенцирајќи го значењето на индустриското производство како позитивен сигнал.
Против замрзнување на маржите
Гувернерот истакна и дека е против идејата за долгорочно замрзнување на трговските маржи:
„Нема ефект. Нема модел, ни регулатор за малопродажни цени – тоа не постои никаде во светот,“ додаде тој.
Целата емисија во продолжение: