Халанд купи книга за 118.000 евра и ја подари


Фудбалерот на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд, издвои 118.000 евра за најскапата норвешка книга на сите времиња, јавија денеска локалните медиуми.

Станува збор за уникатно издание од 1594 година на „Кралските саги“ од Снори Стурлусон.

Експертите го опишуваат делото како „икона меѓу иконите“ на норвешката литература и единствената зачувана копија во приватна сопственост, што ја прави најскапата продадена книга во Норвешка на сите времиња.

Изданието е едно од првите печатени дела за норвешката историја, значајно за преносот на кралските саги од средновековната ракописна традиција во печатена форма.

Книгата беше продадена на аукција во декември од приватната колекција на Јохан Фредрик Одфјел, а подоцна беше откриено дека ја купиле Халанд и неговиот татко Алфи.

Норвешкиот фудбалер нема да ја задржи книгата, туку ќе ја донира на општината или библиотеката во градот Брине, каде што Халанд пораснал.

Градот Брине обелодени дека Халанд поставил еден услов до општината за да ја донира книгата.

„Сакам книгата секогаш да биде достапна со цел луѓето да можат да читаат за оние потекнуваат од моето место. Полесно е да се развие интерес за читање кога можеш да се идентификуваш со опишаните луѓе. Јас го живеам својот сон, но за жал тој е резервиран само за неколкумина. Видов како книгите им овозможуваат на многу луѓе да сонуваат и да ги остварат своите соништа“, го цитираше општината зборовите на Халанд, кој е роден во Лидс, но на рана возраст се преселил во родниот град на неговите родители Брине.

Книгата ќе биде поврзана и со натпревар во читање во локалните училишта во Брине следната учебна година. Наградата за најдобрите на натпреварот ќе биде посета на стадионот „Улевал“ во Осло и натпревар на норвешката фудбалска репрезентација.

Back to top button
Close