Хамас ја отфрли можноста за одложување на изборите во Палестина

Палестинското движење Хамас ја отфрли можноста за одложување на парламентарните избори во Палестина, што се планирани на 22 мај.

Џамал ал Тавил, еден од лидерите на Хамас, за агенцијата Анадолија изјави дека постојат „технички и политички“ услови за одржување на претстојните избори и во Ерусалим.

-Ние ја отфрламе одлуката за одложување на изборите, доколку биде донесена. Ваквата одлука, која ја сметаме за опасна, и му штети на најдобриот интерес на палестинскиот народ. Секое одложување на палестинските избори значи узурпација на правата на палестинскиот народ. Секое отстапување од закажаните избори значи враќање кон тиранијата и корупцијата, рече Тавил.

Тој потсети дека датумите за палестинските избори беа одредени со напорите на палестинските групи и политички формации кои постојано учествувале во разговорите за дијалог во Рамала, Бејрут, Истанбул, Доха и Каиро.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас во јануари издаде декрет за одржување парламентарни избори на 22 мај, претседателски избори на 31 јули и избори за Национален совет на 31 август.

Последните парламентарни избори, на кои Хамас освои мнозинство, се одржаа во 2006 година.

Дискусиите за одложување на изборите беа иницирани поради одбивањето на Израел да одговори на барањето на палестинската управа за одржување избори во Источен Ерусалим.

Back to top button
Close