Хамас денеска ќе му одговори на Виткоф за предлогот за примирје во Газа
Висок функционер на палестинската група Хамас денеска изјави дека групата во текот на денот ќе презентира одговор на предлогот за договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците од страна на американскиот специјален пратеник Стив Виткоф.
Според нацрт-верзијата на најновиот предлог на Виткоф, потврдена за „Тајмс оф Израел“ од два извори запознаени со преговорите, Хамас ќе ослободи 10 израелски заложници и ќе ги врати телата на 18 починати заложници за време на 60-дневниот прекин на огнот.
За возврат, Израел ќе ослободи 125 палестински осуденици за тероризам кои отслужуваат доживотна казна затвор, 1.111 жители на Газа притворени од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година и 180 палестински тела кои моментално ги држи.
Американскиот предлог предвидува двете страни во конфликтот да се договорат за параметрите на делумно повлекување на израелските одбранбени сили од Газа за време на привременото прекин на огнот.
Како дел од предлогот на САД, Обединетите нации ќе продолжат да им обезбедуваат хуманитарна помош на Палестинците, наместо новиот механизам поддржан од Израел кој стапи во функција оваа недела, изјави израелски функционер.
ОН одбија да соработуваат со новиот механизам, велејќи дека тој не е доволен за да ги задоволи потребите на цивилното население во Газа и му дозволува на Израел да го претвори снабдувањето со храна во оружје.
Израел го прифати планот на Виткоф, додека Хамас претходно изјави дека тој не ги исполнува основните барања, вклучително и прекин на војната.
Извори запознаени со преговорите за „Тајмс оф Израел“ изјавија дека Хамас е „разочаран од предлогот“ бидејќи, според групата, тој сè уште му дава на Израел можност да продолжи со борбата по крајот на привременото примирје, како што вети израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.