Хаос по евакуацијата од крузерот со хантавирус: Американец позитивен на хантавирус, Французин добил симптоми во авион
Евакуиран американски патник од крузерот „Ем-Ви Хондиус“ бил тестиран позитивно на хантавирус, додека француски државјанин развил симптоми за време на одделен лет.

Американските здравствени власти соопштија дека еден од 17-те американски патници е позитивен на вирусот, но засега не покажува никакви симптоми.
Претходно, еден од петтемина француски патници добил симптоми за време на летот кон дома, по што останатите патници биле ставени во строга изолација до понатамошни проверки.
Францускиот премиер Себастијан Лекорни изјавил дека уште четворица патници наскоро ќе бидат тестирани.
Јапонското Министерство за надворешни работи соопштило дека јапонски државјанин пристигнал во Велика Британија со чартер-лет организиран од британската влада и дека ќе остане под здравствен надзор на британските власти до 45 дена.
Во Велика Британија, властите најавиле дека патниците прво ќе бидат хоспитализирани 72 часа во карантин, по што ќе следуваат шест недели самоизолација.
Според холандското Министерство за надворешни работи, меѓу 26-те патници на бродот имало осум холандски државјани, како и патници од Индија, Германија, Аргентина, Белгија, Грција, Португалија, Украина, Гватемала, Филипини и Црна Гора.
Од почетокот на епидемијата починале три лица, а петмина патници кои претходно го напуштиле бродот биле заразени со хантавирус.
Хантавирусот најчесто се пренесува преку контакт со урина или измет од заразени глодари, но во ретки случаи може да се пренесе и меѓу луѓе.
Симптомите најчесто се појавуваат меѓу една и осум недели по изложеноста на вирусот.






