Хелсиншки комитет: Собранието да се консолидира и да почне да ја врши својата функција
Се навршија речиси две недели од трагедијата во Кочани, а Собранието уште ги одложува своите седници, меѓу кои и седницата за пратенички прашања. Неприфатливо и неодговорно е пратениците да не одржуваат седници во време на ваква трагедија кога граѓаните очекуваат одговори, кога треба да се анализира системот и да се договараат следните чекори што би можеле да ги преземе Собранието во рамките на своите надлежности, соопшти Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Оттаму потсетуваат дека законодавната функција на Собранието е само една од основните уставни функции кои ги има тоа. Собранието, велат има и претставничка и надзорна функција, а пратеничките прашања се една од основните форми на надзор над работењето на Владата и другите носители на јавни функции.
– Advertisements –
„Собранието има механизми преку кои може да дејствува како што е формирање на постојани и привремени работни тела за секое прашање од јавен интерес. Во конкретниот случај, според член 76 од Уставот, Собранието може да се формира анкетна комисија за сите области и за секое прашање од јавен интерес и нејзините наоди можат да претставуваат основа за утврдување на одговорност за носителите на јавни функции.
Оттука несфатливо е што Собранието имајќи ги овие механизми на располагање наместо да ги искористи, одлучи да не одржува седници. Логично е да се постави прашањето каква е потребата од постоењето на највисокиот претставнички орган на граѓаните, кога народните избраници коишто го сочинуваат, одлучија да останат неми пред граѓаните што ги избраа во моменти кога им се најпотребни.
Ако ништо друго, закажувањето на седница за пратенички прашања исто така, можеби ќе го отвореше просторот за посуштествена дебата и на некој начин ќе ги артикулиураше насоките по кои што треба да се движат работите понатаму. Воедно седницата ќе дадеше можност пратеници и Собранието јавно да искажат сочувство до семејствата на жртвите и жалење за страшната трагедија“ се наведува во соопштението.
Хелсиншкиот комитет додава дека граѓаните очекуваат дека по трагедијата што се случи во Кочани, целокупниот систем, вклучително и нивните избраници ќе придонесат кон борбата против корупцијата и за исправање на неправилностите и големата поделеност во општеството и притоа ќе бидат ефикасни и бескомпромисни.
„Очекуваме Собранието да се консолидира и да ги употреби сите механизми со кои располага и пратениците да се обединат во напорите за зголемување на функционалноста на системот и против општествените девијации. Граѓаните од своите избраници, како и од другите носители на јавни функции, бараат системот да функционира без привилегии за никого и законите да важат за сите подеднакво“ посочуваат од комитетот