Хелсиншкиот комитет прослави 30 години постоење
Три децении на непоколеблива поддршка за човековите права, демократија и владеење на правото денеска одбележа Хелсиншкиот комитет. На настанот што се одржа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, присутните говореа за постигнатите успеси и предизвиците со кои се соочуваат, нагласувајќи дека неисполнетите цели на комитетот се мотивација и поттик за понатамошна работа.
Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска по повод одбележувањето на јубилејот истакна дека во комитетот работат луѓе кои се мотивирани и се борат за каузата за заштита на човечките права.
-Успеавме преку своето постоење и дејствување точно да ги загатнеме оние сегменти кои ги засегаат човековите права, рече таа.
Раководителот на Одделот за човекова димензија во Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Умер Ал-Катиб, додаде дека овој јубилеј претставува три децении на непоколеблива поддршка за човековите права, демократијата и владеењето на правото.
-Овој јубилеј го отелотворува духот на солидарноста на оваа организација и нејзиниот витален придонес во Северна Македонија, Западен Балкан и воопшто, додаде тој.
Претходниот претседател на Хелсиншкиот комитет, професор Гордан Калајџиев, го раскажа своето 20-годишно искуство со Хелсиншкиот комитет при што посочи дека дел од правата за кои се залагале се денеска остварени.
– Се обидовме да дадеме придонес кон тоа да се изгради еден мост на доверба меѓу Македонците и другите народи што живеат во државата, рече Калајџиев.
Уставниот судија Осман Кадриу нагласи дека овој век е век кој што е посветен на човековите права и нивните слободи и заштита.
– Државата преку правниот акт, Уставот, ако обезбедува сѐ поголема листа на основните човекови слободи и права дотолку повеќе се скратува, односно ограничува државната власт и тоа е важна одлика, посочи тој.
Актуелната претседателка Неда Здравева зборуваше за целите што успеале да ги достигнат, како и оние што не ги достигнале при што посочи дека токму неисполнетите цели се мотивација и поттик да продолжат со работа.
– Успеавме да обезбедиме бесплатна правна помош на повеќе од 1000 граѓани во последните четири години, да регистрираме илјадници примери на говор на омраза во општеството, да напишеме десетици соопштенија, согледувајќи ги недостатоците на развојот на општествениот систем и да ги повикаме властите совесно да ја вршат својата работа, посочи таа.
Хелсиншкиот комитет за човекови права оваа година го прославува својот 30-годишен јубилеј, одбележувајќи го симболично на Денот на потпишувањето на Универзалната декларација за човекови права, 10 декември.
Во изминативе 30 години, комитетот работи на унапредување на состојбата со човековите права, обезбедува правна помош на маргинализираните и ранливите категории граѓани и соработува со други организации и државни органи за зголемување на промоцијата, почитувањето и заштитата на човековите права и слободи.