ХИПЕРХЛОРИРАЊЕ НА ТАЛОГОТ
Партиските фирми се поважни од Ангелот од Курбиново.
Супер звучи кога претседателката на државата ќе каже дека „државата јакне преку националното помирување“.
Сѐ што кажа Сиљановска-Давкова во празничниот говор, сѐ е убаво. Ама, ја слушаат ли во ВМРО-ДПМНЕ што зборува нивната кандидатка? Знаат ли тие дека таа зборува против партиски книшки? Знаат ли дека вели оти „мора да ги надминеме поделбите и да научиме да зборуваме во еден глас за прашањата од национален интерес“.
Претседателката може да си беседи на темата „национално помирување и обединување“ со премиерот Мицкоски, кој во исто време само 30-тина километри посеверно, на Пелинце, зборуваше за „талогот на општеството“. Толку му се бендиса тој израз што не му е шубе ни во празничен говор да си го повторува? Од лидер се очекува, ако не на дело, барем на зборови да покаже некаква симболика за национално обединување.
Ама за жал, Мицкоски не може да се воздржи од омаловажувања ни на празник што е за радување.
Не е само дека се раѓаат помалку деца. Си одат луѓето. Не читаат статистички бројки. Луѓето си бараат чаре надвор од државата, меѓу другото и поради вакви државнички говори. Не им се слуша веќе, не ги интересира што имаат да им кажат политичарите. Затоа што ги гледаат што прават и колку ги бива. Со толкување на статистиката нека си се бават партиските војници по нивните партиски собиранки.
Има ли партија што ќе каже: стоп за вработувања по партиска линија? Што ќе каже, е овој го ставивме затоа што го бива, а не затоа што е од партија? Има ли? Да имаше, немаше да дојдеме до ова дереџе.
Талогот треба да се хлорира. Море, да се хиперхлорира. И да се пушти максимално да истече.
Како што советуваат експертите од Владата за водата во Гостивар.
3Слушајќи ги говорите за славното минато, ми текна дека Македониумот во Крушево, еден од најзначајните споменици на светската модерна архитектура, се распаѓа. А и да не бил толку значаен за светот, за нас е значаен оти гробот на претседателот на Крушевската република Никола Карев е таму, а скапува во мувла додека сите политичари зборуваат за херојството на илинденците.
За светот се значајни и фреските од црквата „Свети Ѓорѓи“ од 1191 во Курбиново, како предвесник на ренесансата. А богами, и за нас се значајни оти фреската на Ангелот Гаврил е пресликана на педесетденарката.
Е тоа мало црквиче македонската држава не може да го реставрира 13 години. И кога веќе конечно реставрацијата е при крај и треба да се изгради настрешница за заштита на надворешниот фрескоживопис, кому ја дала државата таа задача? На фирма без лиценца.
Партиските фирми се поважни од Ангелот од Курбиново.
Целата колумна на Горан Михајловски на сдк.мк






