(Дополнето) Хирург фатен како бара мито на пациент во битолската Клиничка болница
Хирург и началник на Одделение во битолската Клиничка болница вчера бил фатен земајќи мито од 150 евра од пациент, неофицијално дознава „Фокус“.
Според нашите информации, хирургот најпрвин ги побарал парите на пациентот, кој подоцна случајот го пријавил во полиција и синоќа лекарот бил фатен со бележани пари.
„Фокус“ стапи во контакт и со новата директорка на болницата, доктор Ненси Лозанче, која ни ја потврди информацијата.
„Да, точна ви е информацијата. Ќе има и официјално соопштение од болницта“, истакна таа во изјава за „Фокус“.
Ова не е прв ваков случај во Клиничката болница во Битола. Точно, пред една година жена болна од рак го пријави својот онколог дека и барал 350 евра мито за да и даде обична хемотерапија.
Скандалите во болницата не стивнуваат. „Фокус уште лани објави за хаосот кој се случува во битолската болница, која опслужува околу 300 илјади пациенти од регионот.
МВР го потврди случајот со барање мито и соопшти дека докторот бил уапсен вчера попладне/.
„Вчера попладне во 17 часот во просториите на Клиничка болница Битола, полициски службеници од СВР Битола го лишиле од слобода М.С.(64), лекар во Хируршко одделение во Клиничка болница Битола. Тој се сомничи дека сторил кривично дело „примање поткуп“ по член 357 од Кривичниот законик, односно дека по завршен хируршки зафат побарал и примил поткуп од лице од Битолско. Кај него биле пронајдени и одземени парите, кои претходно биле обележани. М.С. е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него е поднесена кривична пријава“ информираат од МВР.
Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против него поради основано сомнение дека сторило кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 6 во врска со став 3 и став 2 од Кривичниот законик.
Сомнението произлегува од фактот дека осомничениот, на 27 јануари, како лице кои вршело работи од јавен интерес, односно како доктор – хирург на Одделението за хирургија при ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола, извршил интервенција – операција на жолчно ќесе врз пациентка, а потоа индиректно, преку сведок, побарал од синот на пациентката да му даде пари во износ од 150 евра за да се почастел за извршената работа. Синот следниот во просториите на болницата, во плик му дал на осомничениот три банкноти од по 50 евра. Откако осомничениот ги примил, му бил извршен претрес и овластени службени лица од СВР Битола ги пронашле и одзеле парите, велат од Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство.