Холандија конечно ќе добие нова четирипартитна влада, девет месеци по изборите

 Четири холандски партии денеска соопштија дека постигнале договор со кој Марк Руте, актуелниот вршител на должноста премиер, ќе ја формира својата четврта влада по ред, речиси девет месеци по изборите.

Владејачката коалиција ќе се состои од четири партии кои се на власт од 2017 година, но им беше потребен најдолгиот период на преговори во историјата на Холандија за повторно воспоставување на власта по изборите на 17 март.

Партијата на Руте – ВВД, ќе ја формира новата влада со проевропската партија Д66, демохристијанската ЦДА и Христијанската унија (КУ).

Разговорите траеја 271 ден, откако на Руте му беше изгласана недоверба во парламентот во април.

Најмногу гласови на изборите освои неговата партија ВВД. По Виктор Орбан, Руте во моментов станува европски премиер со најдолг стаж.

Но, во земја со изборен праг од само 0,67 отсто, партијата на Руте го дели парламентот со 16 други политички партии со освоени 22 отсто од гласовите.

Британските медиуми јавуваат дека новата холандска Влада најавува одвојување средства за справување со структурната станбена криза, субвенции за детска грижа и повеќе средства за здравството и образованието.

Владата треба да издвои и милијарди евра за мерки за борба против климатските промени. Холандија со години не ги исполнува своите климатски цели и е меѓу земјите со највисоки емисии на стакленички гасови во Европската унија.

Владејачката коалиција во среда ќе претстави повеќе детали за својата политичка агенда, по што Руте треба да почне со формирање на кабинетот што ќе дојде на власт на почетокот на следната година.

Back to top button
Close