Хрисохоидис за вчерашните вооружени напади во Атина: Имаше безбедносен пропуст во судот, но Грција е мирна и безбедна земја
Секако дека постоеше безбедносен пропуст во судот, во смисла дека не постојат рендгенски апарати и персонал за контрола при влезот. Некој не си ја завршил работата како што треба, посочи министерот за заштита на граѓаните на Грција Михалис Хрисохоидис во интервју за грчката телевизија „Action 24“, говорејќи за вчерашниот вооружен напад во Службата за социјално осигурување и во судот во Атина, јави дописничката на МИА од Атина.

Во вооружените напади, полесно повредени беа пет лица, а сторителот, 89-годишен маж вчера попладне беше уапсен во градот Патра.
Надлежниот министер за полицијата објасни дека Грција не треба да се претставува како земја со безбедносни пропусти.
– Грција е безбедна земја, но постојат и опасни луѓе, како што беше и 89-годишникот кој не се однесуваше согласно неговата возраст. Сепак, во Грција немаме секој ден инциденти со вооружено лице кое влегува во некоја служба и пука кон вработени. Нема причина во Грција, една толку мирна и безбедна земја, сите институции да се чуваат, да има камери насекаде и приватно обезбедување, и да се прават толку големи трошоци. Грција не е таква земја, истакна Хрисохоидис.
Во однос на тоа дали постои одговорност на полицијата, рече дека лично тој се фокусирал на тоа сторителот што побрзо да биде уапсен, за да не постои дополнителна опасноста и додаде дека ќе се направи процена за грчката полиција да може во слични случаи да биде уште поефикасна.
Вчера претпладне, за помалку од еден час 89-годшниот со ловечка карабина влета во објект на Националниот фонд за социјално осигурување на Грција (ЕФКА) и во Апелацискиот суд во Атина, при што со оружјето полесно повреди вкупно пет лица, а беше уапсен во хотел во градот Патра во непосредна близина на пристаништето од каде што заминуваат траекти за Италија и веројатно сакал со брод да замине за соседната земја.
Во текот на денешниот ден се очекува да биде изведен пред истражен судија и јавен обвинител.






