ХРТ отпушта 800 луѓе, од февруари ќе се усвојува планот за консолидација
Усвојувањето на планот за консолидација на ХРТ се очекува во февруари, а потоа следуваат подготовки за за изработка на нов Закон за Хрватската радио и телевизија (ХРТ), велат од Министерството за култура и медиуми во Хрватска.
Од таму нагласуваат дека планот за консолидација има за цел да постигне технолошки цели (развојот на нова медиумска платформа) и програмски цели (поставување и одржување на професионални стандарди).
„ХРТ треба да поттикне примена и развој на нови технологии, да развие нова медиумска платформа со цел да биде релевантна за сите генерации и да биде во тек со дигиталната средина“, додаваат од Министерството.
Во пресрет на усвојувањето на планот за консолидирање на бизнисот и работењето на ХРТ, Министерството за култура и медиуми се повика на стратешкиот документ „Нова насока“, кој раководството на ХРТ го презентираше во март минатата година.
Во него се наведува дека ќе биде потребно намалување од 30% на бројот на персоналот во текот на 2025 и 2026 година. Оттаму, раководството на ХРТ најави отпуштања на повеќе од 800 од сегашните 2.700 вработени, што беше наведено како прв чекор во соработка со Владата, публиката, пошироката јавност, вработените, креативниот сектор и другите засегнати страни.
Министерството вели дека раководството на ХРТ самостојно го подготвило и го усвоило споменатиот документ, пренесува Индекс.хр.
Според неофицијални информации, одлуката за висината на отпремнината донесена на почетокот на јануари што ја донел извршниот директор Роберт Швеб, предвидува максимален износ на отпремнина до 90.000 евра бруто по вработен.
За да добијат отприемнина, работниците мора да имаат минимум пет години стаж во ХРТ, не смеат да бидат неопходни за замена и мора да имаат најмалку 24 месеци додека не наполнат 65 години. Рокот за спроведување на оваа одлука е 31 март 2025 година.
Хрватската влада обезбеди 28 милиони евра во државниот буџет за отпремнини за вработените во ХРТ кои ги исполнуваат условите.
Од Министерството потврдија дека при изготвувањето на новиот закон за ХРТ ќе бидат разгледани сите аспекти, вклучително и начинот на финансирање, за да се прилагодат на промените во деловното работење. Тие наведуваат и дека законот мора да се усогласи со европските акти за слобода на медиумите, кои бараат стабилно финансирање и транспарентен избор на органите на управување на јавните медиумски услуги.