ХРВ: Јужна Кореја не се бори ефикасно против сексуалните престапи на Интернет

– Јужна Кореја не се бори ефикасно против широко распространетиот феномен на сексуални престапи на Интернет, соопшти денеска меѓународната организација за човекови права Хјуман рајтс воч.

Земјата, која е лидер во секторот за нови технологии, останува длабоко патријархално општество каде малку се почитуваат правата на жените, се наведува во извештајот на организацијата.

Јужна Кореја се соочува со феноменот на скриени камери кои претежно мажите ги поставуваат за да ги снимаат жените на јавни места – тоалети, превоз или канцеларии. Исто така, постои и „одмазничка порнографија“, односно снимка што на Интернет ја објавува одбиен партнер.

„Официјалните лица во јужнокорејскиот судски систем каде доминираат мажите често пати не разбираат и не признаваат дека станува збор за многу сериозни злосторства“, се наведува во извештајот на ХРВ.

Меѓународната организација додаде дека во 2019 година, обвинителството не отвори истрага за речиси 45 проценти од сексуалните престапи извршени преку Интернет. Дури и во присуство на докази, речиси 80 ​​проценти од сторителите се осудени само на „парична казна или условна затворска казна“.

Прекршоците извршени со скриени камери се толку чести што полицајците редовно се принудени да ги проверуваат јавните тоалети за да бидат сигурни дека нема таков уред, соопшти организацијата, додавајќи дека многу Јужнокорејци изјавиле дека избегнуваат јавни тоалети.

Back to top button
Close