И натаму молк од Софија за Костадинов
Ни по три дена официјална Софија не се огласи со осуда на ставот пратеникот и претседател на крајнодесната парламeнтарна партија „Преродба“, Костадин Костадинов, кој во негова објава на Фејсбук напиша дека „нема ништо пологично од тоа две држави со заедничка историја, заедничко потекло, заеднички јазик и народ, како Бугарија и Македонија, да станат една држава“.
Костадинов, кој во домашните јавни реакции беше оценет како маргинална личност, исто како и партијата што ја предводи, ја предводи третата партија според резултатите од последните избори во Бугарија. Ова не првпат да дава такви изјави, но е втор случај кога тоа го прави преку лични компарации со ставови на новизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп.
„Барањата на Трамп кон Канада се целосно оправдани. Нема ништо пологично и понормално од тоа две земји со заедничка историја, заедничко потекло, заеднички јазик и до голем степен ист народ, како што се САД и Канада, да станат една држава“, напиша тој.
Примерот е употребен, за да потенцира дека „по истиот начин стојат работите и со Македонија“, а побара и Јужна Бесарабија, која денес е дел од Украина, да се врати кон Бугарија. Неговто образложение е дека тој регион повеќе од 450 години бил во составот на бугарската држава и Бугарите таму се автохтоно население, додека Украина ја поседува Јужна Бесарабија само 34 години.
Пофален од Митрофанова
По бројните реакции во Македонија и од македонското МНР, реагираше и амбасадата на Украина во Бугарија. Оттаму ја осудија изјавата на Костадинов кој повикува на кршење на нормите на меѓународното право, ги искривува историските факти и промовира прераспределба на границите во Европа.
„Изјавите на партискиот лидер на ‘Преродба’ за територијалната агресија против Украина е неприфатлива за политичар на ЕУ и ја потврдува неговата систематска пропаганда на наративите на Кремљ“, наведоа од украинската амбасада.
Костадинов, кој во бугарската јавност го ословуваат како „Копејкин“, тешко дека ќе може да се ослободи од тоа име, особено по интервјуто за ТАС на руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, на крајот од претходната година. Во тоа интервју, освен што предзвика реакции во бугарската јавност поради нејзини толкување на одредени настани од заедничката историја на Русија и Бугарија, таа ги посочи и партиите со кои Москва има одлична соработка. Прва ја посочи „Преродба”.
„Повеќето бугарски политичари и владата го следат курсот на Брисел и не се заинтересирани за востановување на односите со Русија, но тука се пaртијата ‘Преродба’, бугарските социјалисти, партијата ‘Алтернативата за бугарска преродба’ (АБВ) и други политички и општествени здруженија кои се предводници на здравиот разум”, изјави Митрофанова.
Од Атлантскиот совет на Бугарија јавно ѝ одговорија на Митрофанова за обидот „да се преиначува историјата на земјата домаќин (Бугарија), да се меша во внатрешните работи на земјата посочувајќи кои се нејзините омилени бугарски политички партии и можности што произлегуваат од тоа. На крајот од јавното обраќање ѝ се „заблагодарија што така искрено ја посочила руската петта колона во Бугарија – „Преродба, БСП и АБВ”.
Молк од другата страна
Македонија и Бугарија се и земји партнери во НАТО, и таквите изјавите од партиски претседател и пратеник во бугарското Народно собрание, се очекуваше да наидат на поенергичен одговор од Софија. Но тоа не се случи, и покрај очекувањето на македонското МНР „официјална Софија да ја отфрли изјавата на Костадинов како непримерна на духот и времето во кое живееме, европските стандарди кои силно ги почитуваме и спротивна на нашите залагања за обезбедување траен мир, безбедност и просперитет во Европа и пошироко”.
Eдинствената изјава минатиот викенд дојде од претседателката на Народното собрание, Наталија Киселова.
„Не треба да се дозволуваат елементарни провокации меѓу Бугарија и Република Северна Македонија“, порачала Киселова.
Според бугарските медиуми, изјавата ја дала на „одбележувањето на 80-тата годишнина од ‘Крвавото коледе’ (1945) во Македонија”.
„Елементарните провокации можат да ги влошат односите меѓу двете земји. Бугарската држава смета нашите соседи да се вратат на преговарачка маса и да не стојат на ставот дека треба да има повторни преговори, бидејќи тоа веќе е предоговарање со Европската унија, а не со Бугарија. Ни претстои многу тешка година – и на домашен, а секако и на надворешно-политички план ќе има сериозни промени, но она што мислам дека е непроменливо е дека Република Бугарија е посветена на интеграцијата на нашите соседи во ЕУ“, истакнала Киселова.
Не може да се заклучи дали повод за овој осврт на Киселова е изјавата на Костадинов или е даден во контекст на одбележувањето, со оглед дека таму присуствувале и претставници на здруженија на Бугари од Македонија.
„Блиски односи“
Што се однeсува до Костадинов, неговата офанзива ја почувствува и бугарското општество, кога структури на „Преродба“ со вандалски протести во ноември лани се обидоа да ја спречат претставата „Оружјето и човекот“ (1894) од Џорџ Бернард Шо, во режија на американскиот режисер и актер Џон Малкович.
Реакциите на вандализмот Костадинов ги нарече „драма, лелеци и плач на претепани либерали, на кои многу им се собрало, бидејќи уште еднаш ги загубиле изборите (во Бугарија) и второ – Трамп победил во САД”.
Претставник на „Прерoдоба“ на јавниот ТВ сервис се пофали дека имаат многу блиски односи со републиканците – прво, тие биле домаќини во Софија на клучна личност од партиското раководство, а потоа европратеници од „Преродба” биле официјално поканети од Републиканците во Вашингтон, имале средба со сенатори и конгресмени, и тие врски не биле од вчера.(dw)