И по Тито – Тито

Имам некои пријатели и познаници што уште помнат еден наслов што пред многу години излезе на насловната страница на тогашниот неделник „Пулс“. Насловот гласеше „И по Тито – Тито“ и беше извлечен од еден текст на потписникот на овие редови. Текстот, се разбира, се однесуваше на – скопскиот концерт на генијалниот перкусионист Тито Пуенте!

Се сеќавам дека на концертот воодушевената публика, меѓу другото, скандираше „Ние сме Титови, Тито е наш“, а кога на бината беше претставена живописната пејачка од Доминиканската Република, Јоланда Дуке, низ публиката се разлеа „Тито и Јованка“.

Не знам дали Пуенте замина од повеќечасовниот концерт со убедување дека овдешната јавност го слави неговиот истоименик, еден од „најмрачните диктатори“ Јосип Броз Тито. Или, пак, замина со убедување дека ја постигнал целта – направил стандардно одличен концерт, на кој публиката вонсериски се забавувала. Но, едно знам, Екатерина Захариева, сегашната министерка за надворешни работи на Бугарија, со сигурност не беше на тој концерт.

Од друга страна, не знам дали Пуенте гостувал во Бугарија. Во случај да гостувал, баш ме интересира како се забавувала бугарската публика? Дали го скандирале името на Тито? Дали го славеле Тито, а денес се сепак членки на Европската Унија? Со други зборови, изјавата на Захариева дека Македонија како земја што го слави „мрачниот диктатор“ нема што да бара во Европската Унија, остави милион прашалници во мојата глава (додуша не е ова единствената нејзина изјава што ме збунува – напротив, многу малку се оние нејзини изјави што можам рационално да си ги објаснам).

Јас ѝ припаѓам на онаа генерација што буквално половина од својот живот го поминала во социјалистичкото уредување и во благопочившата СФРЈ, а другата половина во таканаречената транзиција. Не знам дали поради карактерот, или поради воспитанието, или поради транспарентноста на мојата професија, во животот умам доживеано (и уште доживувам) (без)бројни квалификации и етикети.

Уште во студентските денови, во некој полициски тефтер сум заведен како анархолиберал (поради оваа квалификација имам пробдеено неколку ноќи во полициската станица „Беко“ во Скопје); во тоа време некои ме карактеризираа и како националист, потоа како југословен, па југоносталгичар, па предавник, па комуњар итн.

Сакам да кажам, а мислам дека во овој контекст е важно, никој никогаш не ме нарекол „титоист“. Никогаш не сум трчал по или со штафетата, никогаш не сум учествувал на каков било слет по повод 25 Мај, никогаш не сум бил на работна акција, никогаш не сум излегол на улица да го пречекам Тито…

Но, да се разбереме, сиве овие работи не зависеле само од мојата волја (иако често се поклопувале), туку затоа што сето ова беше наменето за примерните и одличните ученици, а јас, ете, не влегував во тој круг (иако мислам дека не бев ни многу лош ученик).

Целата колумна на „Призма“ на следниот линк.

Back to top button
Close