„И покрај малото намалување на минималната кошница, животот и натаму чини речиси 68.500 денари месечно“, велат од ССМ
Вредноста на синдикалната минимална кошница во јули бележи мало намалување во однос на претходниот месец, но сумата што е потребна за покривање на основните животни трошоци на едно четиричлено семејство и понатаму останува висока.

Според најновите податоци на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), минималната синдикална кошница за јули 2026 година изнесува 68.498 денари. Во споредба со јуни, таа е пониска за 156 денари.
Доколку семејството живее во изнајмен стан од 60 квадратни метри, вкупните месечни трошоци се искачуваат на 83.873 денари.
Најголемиот дел од средствата и натаму се наменети за храна и пијалаци. За оваа категорија се потребни 25.012 денари, што претставува 36,5 проценти од вкупната вредност на минималната кошница.
Следуваат трошоците за образование во износ од 7.192 денари, за облека и обувки 6.511 денари, додека за домување, односно вода, електрична енергија, греење и други станбени трошоци, се предвидени 6.379 денари.
За рекреација и култура се пресметани 5.592 денари, за транспорт 5.041 денар, а за комуникации 3.677 денари месечно.
Во останатите категории, за ресторани и хотели се издвојуваат 4.131 денар, за лична хигиена и одржување на домот 2.667 денари, за здравствени потреби 1.196 денари, додека за останати стоки и услуги се потребни 1.100 денари.
Од ССМ нагласуваат дека пресметката е направена за четиричлено семејство кое не поседува автомобил и ги опфаќа минималните месечни трошоци неопходни за нормално секојдневно функционирање






