Игротеките бараат финансиска поддршка и протоколи за почеток со работа
Групацијата на забавни, рекреативни и едукативни дејности и игротеки при Сојуз на стопански комори на Македонија бара финансиска помош од државата, а од Комисијата за заразни болести да го разгледа протоколот за работа на игротеките што тие сами го направиле следејќи и прифаќајки ги позитивните примери на земјите од соседството и да овозможи по тримесечна пауза игротеките да почнат со работа.
Нагласува дека иако игротеките од 11 март престанаа со вршење на својата дејност, прославувањето на детските родендени не престана и продолжуваат да се организираат во домашни услови, без соодветни протоколи.
-Бараме Комисијата за заразни болести да даде препорака да ги отвориме објектите по примерот на земјите од соседството, кои што повеќе од еден месец беспрекорно работат, затоа што животот продолжува со почитување на протоколите за заштита на здравјето. Изминативе денови на Комисијата и ги предадовме и предлог протоколите кои сами ги изработивме, следејќи и прифаќајќи ги позитивните примери на земјите од соседството, кои сме подготвени да ги почитуваме во целина. Сите предлози и дополнувања од Комисијата за заразни болести се добредојдени, рече Трајко Николовски, претседател на Групацијата на денешната прес-конференција.
Тој нагласи дека компаниите од секторот најпрво бараат финансиска поддршка во висина на половина од просечниот месечен бруто приход земен од времето кога работеа, секој месец без прекин на неодредено време до нивно повторно отворање, како би можеле да ги сервисираат закупнините, режиските трошоци, платите и придонесите во периодот кој им претстои затоа што, како што рече, моментално не работат, имаат промет нула и се уште се затворени.
-Во време кога секој од нас е важен, кога се бориме за секое работно место, кога сите сакаме нови инвестиции, нови вработувања, јавно прашуваме, што ќе се случи со нашите инвестиции во кои работат повеќе од илјада луѓе и егзистираат исто толку семејства. Бараме одговор, дали треба да дозволиме овие 1.000 семејства да останат без егзистенција, да останат без работните места кои сами ги створиле и да изгубат се што вложиле, посочи Николовски.
Како мали бизниси, потенцира, за да почнеме со дејност, многумина од нас, освен сопствени имаат вложено и позајмени средства како од роднини и пријатели, така и од комерцијалните банки, при тоа заложувајќи ги под хипотека и своите живеалишта. Состојбата во која се наоѓаме е алармантна, резерви на средства немаме. Додаде дека како економски оператори родендените кои ги организираат се исклучиво од затворен тип, т.е. со ограничен број на гости кои добро му се познати на организаторот на роденденот, како и нивната здравствена состојба, бидејќи станува збор за гости од исто семејство, блиски роднини и пријатели.