ИК на ВМРО-ДПМНЕ подновен со Рашела, Коце, Влатко, Антонио – Јанушев сам побарал да биде сменет од генсек

Александар Николоски, Владо Мисајловски, Иван Иванов, Сергеј Попов, Никола Мицевски, Гордана Димитриевска- Кочоска, Рашела Мизрахи, Стефан Андоновски, Марија Андоновска, Олга Лозановска, Дафина Стојановска, Вело Марковски, Трајко Славевски, Влатко Ѓорчев, Драган Ковачки, Коце Трајановски, Кирил Пецаков и Антонијо Милошоски.
Ова се членовите на новиот Извршен комитет на ВМРО-ДПМНЕ што вечерва ги избра партискиот Централен комитет, информираше предмалку лидерот на партијата Христијан Мицкоски, велејќи дека понудил да си оди и да се организира вонреден конгрес за нов лидер, но дека ЦК го одбил.
Притоа, Мицкоски истакна дека досегашниот генерален секретар на партијата Игор Јанушев се повлекува од партиските функции поради лични причини, но како што истакна, ќе продолжи да придонесува и да помага во ВМРО-ДПМНЕ во борбата против СДСМ.
Со ваквата промена во партиското тело, како што вели Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ сака да покаже капацитет за промени и сила во понатамошната битка против, според него, мафијата која е на власт.






