Илиева: По кој знае кој пат карпошани се разочарани – илузијата на ДПМНЕ се распрсна како меур од сапуница

Советничката од Левица во Општина Карпош, Катерина Илиева, со жестока критика кон работата на актуелното општинско раководство, оценувајќи дека по шест месеци од доаѓањето на Сотир Лукровски, граѓаните не ги добиле најавените промени и забрзан развој. Во објава на социјалните мрежи, Илиева наведува дека Карпош функционира со „забавена динамика“, без јасна локална политика и со недоволно видливи резултати на терен.

„Како советник од Левица во Општина Карпош, сметам дека е важно отворено да се каже како изгледа состојбата во општината по доаѓањето на Сотир Лукровски.

За време на кампањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ се создаваше слика за нова енергија, ефикасно управување и забрзана реализација на проекти. Грандиозно се зборуваше за ред, за подобра организација и за општина која ќе биде поактивна и поблиску до граѓаните.

Но, тоа не се случи. Сè e исто. Реалноста по 6 месеци месеци делува поинаку. Карпош си функционира со забавена динамика, со недоволно видливи резултати на терен и со чувство кај граѓаните дека клучните процеси се одвиваат побавно од очекуваното. Никаде јасна и препознатлива локална политика. Впечатокот е дека дел од одлуките се развлекуваат, а администрацијата не делува целосно фокусирана на реализација на програмата.

Постои перцепција за недоволна самостојност во водењето на општината и присуство на различни влијанија и внатрешни координации кои го отежнуваат носењето брзи и јасни одлуки.

Во локална самоуправа како Карпош, тоа директно се одразува врз проекти, урбанизам, инфраструктура и секојдневното функционирање.

По којзнае кој пат карпошани се разочарани, но овојпат премногу зошто навистина не гласаа за административно одложување или за систем каде што работите ама баш секогаш се “во процес“ без краен резултат. Гласаа за ветените конкретни промени и за видлива работа на терен, која во овој момент не е ни блиску до тој обем што беше најавен.

Во ваков контекст, и разните присетувања на претходните политички периоди во Карпош не треба да служат како алиби за сегашната состојба. Напротив, тие само потврдуваат дека граѓаните постојано очекуваат подобро и поефикасно управување, без разлика која гарнитура е на власт.

Како Левица во Советот, ќе продолжиме да ја следиме работата, да бараме отчетност и да инсистираме на реална реализација на обврските кон граѓаните. Карпош има потенцијал да биде функционална и модерна општина, но тоа бара повеќе конкретна работа и помалку одложување.

Неизбежно се отвора и прашањето што понатаму? Дали ваквата динамика и начинот на функционирање можат да доведат до промена на политичката состојба во општината, или ќе се оди до крај на мандатот со исто темпо и ист пристап?

Формално, локални избори не се отвораат по политички оценки или незадоволство, туку само во точно утврдени законски случаи – оставка на градоначалник, траен престанок на мандат или други законски основи. Сè додека тоа не се случи, ОДГОВОРНОСТА за состојбата останува кај актуелното раководство.

Токму затоа фокусот мора да остане на работа и резултати, бидејќи граѓаните не гласаа за привремени решенија, туку за функционална општина што испорачува.

И така, сè повеќе станува јасно дека е потребна поинаква политичка сила што доследно ќе се бори за интересите на граѓаните. Левица останува таа алтернатива“, вели Илиева.

 

Back to top button
Close