Илир Мета останува во притвор, Специјалниот суд го одби барањето и понудената кауција од 50 милиони лека
Специјалниот суд против корупција и организиран криминал го отфрли барањето на поранешниот албански претседател Илир Мета, кој побара домашен притвор и итно ослободување, нудејќи и кауција од 50 милиони леки (над 50 илјади евра).
Мета, кој денеска го прославува 57-от роденден не присуствуваше на рочиштето, туку само неговиот адвокат Кујтим Чакрани.
– Ги замолив судиите да му подарат слобода на денот на неговиот роденден. Нашата битка не завршува тука, ќе продолжиме, ќе чекаме и на одлуката на Уставниот суд. Мета не се појави денеска, ја изгуби довербата во судот, сака само соочување по суштината. Ги презентирав моите барања, изјави адвокатот Чакрани.
Тој е обвинет за корупција, перење пари и прикривање на имот, но адвокатот се надева дека еден ден ќе биде ослободен.
По налог на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција (СПАК), Мета, кој е актуелен лидер на опозициската Партија на слободата, беше уапсен на 21 октомври 2024 година, од кога е во затворски притвор.
Шеф на албанската држава беше во периодот од 24 јули 2017 – 24 јули 2022 година.






