Има ли во Украина биолошко оружје: Русија тврди дека има, Украина и САД негираат

Биолошкото оружје се разликува од хемиското оружје. Тоа е фраза што се користи за да се опише претворањето на опасен патоген, како што е на пример еболата, во оружје

Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја тврди дека силите на Москва пронашле докази за обид да се расчистат доказите за биолошко оружје во Украина, јави Би-би-си.

Говорејќи на средбата на Советот за безбедност на ОН, свикана на барање на Русија, Небензја рече дека руските сили пронашле докази за мрежа од најмалку 30 лаборатории за биолошки истражувања чија цел е зајакнување на неколку „смртоносни болести“.

Тој тврди дека на локациите биле спроведени „многу опасни биолошки експерименти“ во координација со САД. Сепак, рускиот амбасадор не приложи никаков доказ за своите тврдења, а шефот за разоружување при ОН, Изуми Накамиц,у рече дека не знае за каква било програма за биолошко оружје во Украина.

Украина, пак, ги отфрли сите наводи дека работи на биолошко оружје, а САД руските тврдења ги нарекоа „смешни“ и предупредуваат дека Русија може да ги искористи за да ја оправда сопствената потенцијална употреба на слично оружје против Украина.

„Украина нема програма за биолошко оружје. Нема украински лаборатории за биолошко оружје поддржани од САД“,

изјави американската амбасадорка во Обединетите нации Линда Томас-Гринфилд.

Таа рече дека Украина има свои лаборатории за јавно здравје за откривање и дијагностицирање на болести како ковид-19, додавајќи дека САД ѝ помогнале на Украина „да ги направи безбедни“.

„Русите се тие кои долго време ја одржуваат програмата за биолошко оружје, кршејќи го меѓународното право“, додаде таа.

Биолошкото оружје се разликува од хемиското оружје. Тоа е фраза што се користи за да се опише претворањето на опасен патоген, како што е на пример еболата, во оружје.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close