„Имав сајт со лажни вести на бугарски, добро заработував“

„Имав сајт со лажни вести на бугарски, добро заработував“
Автор Мина Киркова | пред 4 ч
Mobiltelefon, Smartphone l Display mit Social Media Apps
„Долго време одржував страница со лажни вести во Бугарија“, вели млад човек во интервју за ДВ. „Темата Русија секогаш носи добри пари. Тажно е колку се глупави луѓето“, нагласува тој и објаснува како функционира шемата.
На социјалната платформа Редит, корисник со име marquizdesade ги кани Бугарите да му поставуваат прашања поврзани со неговата неодамнешна работа. А, тоа не е каква било работа, туку одржување на страница со лажни вести.

Човекот сака да остане анонимен, но во разговорот со нас е отворен и без проблем дава секакви детали. Прашања кои веројатно многумина си ги поставуваа во последните години на пораст на дезинформациите.

„Кога не можам да ги оборам, барем да вадам пари од нив“
Стартот во овој „бизнис“ е далеку полесен од очекуваното, вели Димитар (името е променето, н.з.). Во 2015 година, негов колега му кажал дека одржува страница за видео-стриминг, од која, преку реклами, заработувал илјадници долари месечно. Неговата идеја му изгледала повеќе од привлечна, а тој самиот имал опсервации за друга потенцијално доходовна гранка. „Поминав многу време гледајќи го однесувањето на луѓето кои читаат лажни вести и им веруваат. Се нервирав, дури и се расправав со нив. Со текот на времето почнав да разбирам што ги тера овие луѓе да реагираат емоционално. И собрав два и два. Си реков: од таков сајт сигурно се заработува многу добро.“

На почетокот Димитар претпоставува дека ќе добие спонзорство од некоја политичка партија. Дури очекува дека тоа би бил основниот извор на пари. Но, се покажува дека приходите доаѓаат од рекламите на страницата. На друг пријател му кажува дека има планови за таква страница и тој му дава совети за финансиите. Основните приходи доаѓаат од системот на Гугл за реклами – Google AdSense. Моралната страна на ваквото решение не е во преден план. „Отсекогаш знаев дека тоа е штетно. Но, тоа е прашање на пари“, вели Димитар. „Јас сум момче од мал град. Си реков: Кога не можам да ги оборам, барем да вадам пари од нив. Знам дека тоа не е етички, но ми требаа пари. Имав мало дете, во семејството работев само јас и ми требаа уште пари. А, тоа се лесно заработени пари.“
Многу Бугари веруваат дека Русија ќе нѐ спаси“
Сè започнува многу брзо. И неговите согледувања за тоа што сакаат луѓето кои читаат вакви текстови на интернет, се покажува како негов најдобар советник. „Најмногу одеа неколку работи. Главната работа е на некој начин да има русофилија. Секогаш имаше некаков наратив за Русија или за спротивставувањето помеѓу Западот и Русија, а Бугарија во средина“, вели Димитар.

Токму на тоа почнува да се потпира и тој. Вели дека е многу лесно. Зема некој актуелен проблем од Бугарија и пишува дека Москва ветува дека ќе го реши ако Бугарија се откаже од НАТО и од Западот. „Кога објавија дека бугарското население е веќе под 7 милиони, напишав дека Дмитриј Песков (портпарол на Кремљ, н.з.) рекол дека ќе испрати 100.000 Русинки во Бугарија за да се реши демографската криза. Тој текст се читаше толку многу, што мојата страница се урна неколкупати“.

Не случајно Русија е главната тема која предизвикува емотивна реакција кај бугарските читатели, вели Димитар. „Луѓето уште од училиште се задоени со идејата за Голема Русија. Никој не нè учел на тоа дека Советскиот Сојуз ни објавува војна и де факто нѐ окупираше на 9 септември 1944 година. Тоа морав да си го прочитам сам“. Но, кога ќе тргнеш да им објаснуваш такви работи на луѓето, тие реагираат дефанзивно, обвинувајќи те дека си западен агент, вели Димитар.
Како Димитар се откажува од сајтот
Младиот човек признава дека познава и други луѓе кои одржувале сајтови со лажни вести на бугарски јазик. Некои од нив продолжуваат да го прават тоа. Сепак, тој е убеден дека никој од овие луѓе не добивал пари директно од политичките партии. „Политичарите кои се заинтересирани за читање такви работи, многу добро знаат дека некој тоа ќе го напише и без да му дадат пари. Човекот ќе си ги земе парите од Гугл, а политичарите ќе имаат корист. И волкот сит и овците на број.“

По речиси четири години од почетокот на проектот, Димитар се откажува од сајтот со лажни вести. Но, не поради внатрешна катарза, туку поради многу попрозаична причина. Во 2019 година, Фејсбук ја заостри многу контролата врз таквите страници, откако стана јасно дека британската аналитичка компанија „Кембриџ Аналитика“ незаконски користи податоци од корисниците на Фејсбук за политички цели. Сајтот на Димитар добива т.н Shadow ban, што значи дека тој и натаму има пристап до Фејсбук, но поради алгоритмите на платформата веќе никој не го гледа.
Да размислуваш – тоа е тежок потфат“
Димитар тврди дека идеологијата што долго време ја ширел преку својата веб-страница е бескрајно далеку од него. Сепак, тоа не го спречува да ја користи за да заработи пари. Запрашан дали се кае што имал таква страница, тој одговара: „Жалам е силен збор. Бев тажен што луѓето се глупави“.
Според овој млад човек, Фејсбук врши добра работа во борбата против лажните вести. „Меѓутоа, поважно е луѓето да научат самите да го одделуваат просото од плевата. Но, тоа е многу тешко. Тешко им е да размислуваат. Полесно е да чувствуваат. А многу луѓе тоа го злоупотребуваат“, вели Димитар.
Помеѓу 2015 и 2019 година, Димитар за сајтот за лажни вести работел по околу два часа дневно, заработувајќи од 1.000 до 1.500 лева месечно (околу 500 до 760 евра).

Back to top button
Close