Индексот на трошоците за живот лани зголемен за 3,5 отсто во однос на 2023 година

Индексот на цените на мало, пак, е зголемен за 3,8 отсто во 2024 во однос на 2023 година

Индексот на трошоците за живот минатата година се зголемил за 3,5 отсто во однос на 2023 година, објави денеска Државниот завод за статистика (ДЗС).

 

Оттаму напоменуваат дека движењето на индексот на трошоците за живот во 2024 година било различно кај одделни групи на потрошувачката, но оти пораст е забележан во сите групи и тоа:

„Ресторани и хотели за 9,9 отсто, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 7,6 проценти, здравје за 5,3 отсто, разновидни стоки и услуги за 5,1 отсто, рекреација и култура за 4,9 проценти, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 3,8 проценти, облека и обувки за 3,1 отсто, комуникации, храна и безалкохолни пијалаци за 2,9 отсто, транспорт, домување, вода, електрика, гас и други горива за 1,4 проценти и образование за 0,2 отсто.“

Индексот на цените на мало, пак, бележи пораст од 3,8 отсто во 2024 во однос на 2023 година. И таму, како и кај трошоците на живот, пораст е забележан на индексите во сите групи:

„Земјоделски производи за 7,1 отсто, услуги за 5 проценти, пијалаци за 4 отсто, индустриско-прехранбени производи за 3,5 отсто, индустриско-непрехранбени производи и тутун за 2,1 проценти.“

ДЗС во извештајот прави споредба на порастот на индексите на трошоци за живот и на цените на мало во декември 2024 година со истиот месец во годината пред неа.

„Индексот на трошоците на животот во декември 2024 година, во однос на декември 2023 година, бележи зголемување од 4,4 проценти, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 4,3 отсто“посочуваат од Статистика.

Back to top button
Close