Индискиот премиер Нарендра Моди во посета на воена база во регион што се граничи со Кина

Индискиот премиер Нарендра Моди денеска оствари ненајавена посета на воената база Ниму во оддалечениот регион Ладак, што граничи со Кина, каде речиси два месеца има конфронтација меѓу двете страни.
Моди објави фотографија на Инстаграм придружен од високи генерали, како разговараат во камуфлажен шатор со војниците.
„Јас комуницирам со нашите храбри борци од вооружените сили“, стои во текстот под фотографијата.
„Да живее мајка Индија!“ – Со тие зборови премиерот го започна својот говор, што траеше 26 минути. „После секоја криза, Индија излегува посилна“, нагласи тој, фалејќи ја храброста на индискиот војник, кој му испрати порака на светот за моќта на Индија.
„Слабите никогаш не можат да постигнат мир, само силните успеваат“, рече тој.
„Деновите на експанзионизам завршија. Експанзионизмот го загрозува светскиот мир. Сега е ера на развој. Експанзионистичката моќ е поразена и принудена да се повлече“, рече тој во јасна алузија кон Кина.
Подоцна, Моди ја посети воената болница, каде посети повредени војници.