Инфлација по оптимизмот, реалноста ја приземји Владата и Народната банка
Синхронизирано, во само два дена Владата и Народната банка на Македонија ги влошија своите очекувања за растот на инфлацијата за оваа 2025 година. Од вчера, со објавување на ребалансот, Министерството за финансии очекува инфлацијата да се зголеми од првично предвидени 2,2 насто на годишно ниво, на 2,8 или за дополнителни 0,6 процентни поени.
Денеска, исто така со песимистична корекција излезе и Народната банка која што смета дека инфлацијата ќе биде 3 насто, наместо 2,5 какао што предвиде во октомври.
ПРОЕКЦИИ НА ИНФЛАЦИЈА ЗА 2025 ГОДИНА
Во соопштението од Народната банка се вели дека причина за промена на прогнозата е поради, цитираме: „Ризиците за инфлацијата во најголема мера се поврзуваат со геополитичките тензии, трговската неизвесност предизвикана од протекционистичките политики, нарушувањата на синџирите на снабдување и климатските фактори.“
Но, економистот Абил Бауш вели дека инфлацијата ја разгоруваат и внатрешни фактори, поддржани од фискалните политики на владите, кои никој не сака да ги каже јавно, не се наведуваат како реален и голем проблем, а со тоа и не се сака да се решат.
„Ако се сеќавате, ние ја започнавме годината со покачување на одредени ставки на плати и пензија. И тоа одма генерира во еден кус рок, месечно, може да генерира покачување на индикаторот на инфлација. Дали перцепцијата останува оваа сега за понатаму, дали ќе имаме покачување на инфлација? Да, затоа што надворешниот фактор може да ја покачи поголемата инфлација. Но таа што се генерира внатре во државата, таа во моментот е реалната“, вели Абил Бауш, економист.
Сепак, во дополнителниот одговор што го побара ТВ21 од Народната банка, се наведува дека во проекциите се земени и домашни фактори коишто делуваат врз побарувачката.
„Ова се однесува и на претпоставката за постепена фискална консолидација на среден рок согласно официјалните фискални документи, како и очекувања за постепено забавување на динамиката на раст на расположливиот доход (плати, пензии), но и на растот на кредитирањето, кој до крајот на годината ќе се сведе на околу 9%, односно на околу 7,3% на среден рок“, одговорија од Народната банка.
Инаку, растот на потрошувачките кредити за 2025 се очекува да биде 9,6 насто. Во пари, граѓаните се задолжиле кај банките и потрошиле ненаменски, за секојдневни свои потреби 2 милијарди и 172 милиони евра. Бауш смета дека ако се чепне во овие кредити и се намали нивниот раст, за да нема негативни ефекти во економијата, ќе треба да се интервенира и во фискалната политика на владата.
КРЕДИТНА СТРУКТУРА ВО МАКЕДОНИЈА – МАЈ 2025:
Бауш пак потсетува дека замрзнувањето на маржите и на цените не се добри мерки и го нарушуваат пазарот и дополнително ја зголемуваат инфлацијата.
„Очигледно, краткорочните мерки кои што ги преземеме ние, сега веќе стана и среднорочни мерки, не го дадоа очекуваниот резултат кој го следиме или треба да го добиеме“, вели Абил Бауш, економист.
Предлага сериозни реформи, но и поцврсти фискални и монетарни мерки, како поддршка на малите и средни претпријатија, кои ќе ја заживеат економијата, а не само социјални мерки кои во суштина ја подгреваат инфлацијата.