Инфлацијата може да стане како „воз кој излегол од контрола“, предупреди шефицата на ММФ

Извршната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева и претседателот на Светска банка, Дејвид Малпас, предупредија за зголемениот ризик од глобална рецесија, при што инфлацијата останува постојан проблем по рускиот напад врз Украина.

„Постои ризик и реална опасност од глобална рецесија следната година“, рече Малпас на почетокот на Годишното собрание на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, пренесе Ројтерс.

Тој изјави дека економскиот развој ширум светот се соочува со криза, наведувајќи го во овој контекст забавувањето на растот во развиените економии и депрецијацијата на валутите во многу земји во развој.

Шефицата на ММФ Георгиева рече дека ММФ гледа „значаен проблем“ во Кина, втората по големина економија во светот, каде што нестабилноста на пазарот на домување го намалува економскиот раст.

Осврнувајќи се на порастот на потрошувачките цени во земјите низ светот, таа рече дека не можеме да дозволиме инфлацијата да се движи „како воз кој излегол од контрола“.

Георгиева оцени и дека Заедничката рамка на Групата 20 за реструктуирање на долговите на сиромашните земји полека профункционира, но оптимист е за случаите на Чад и Замбија, кои заедно со Етиопија први побараа помош.

Таа изрази надеж дека напорите за реструктуирање на долгот на Чад и Замбија може да бидат финализирани до крајот на годината, што, како што вели, ќе го отвори патот за другите земји да побараат таква помош.

Back to top button
Close