ИНРМ: Сомнежи во точноста на струјомерите 

Соопштение на ИНРМ

Ве известуваме дека поднесовме барање за пристап до информации од јавен карактер до Бирото за метрологија, поради сомнеж дека ветениот државен еталон за проверка на електрични броила сè уште не е ставен во функција.

Иако министерката за енергетика пред три месеци јавно изјави дека опремата ќе биде активирана „во најкус можен рок”, јавноста сеуште е без никаква информација дали тоа е навистина реализирано.

 

Поставивме конкретни прашања:

– Дали граѓаните можат да побараат проверка на своето броило?

– Колку поплаки за неточност се примени досега и со какви резултати?

– Кога последен пат е извршен надзор над работата на лабораторијата на ЕВН?

Дополнително, побаравме и можност за посета на лабораторијата на Бирото, со цел директен увид во опремата, стандардите и методологиите што се применуваат.

Во продолжение го објавуваме целосниот текст од барањето доставено до Бирото за метрологија:

Врз основа на член 4 и член 12 од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер (Службен весник на Република С. Македонија број 101/2019), а со оглед на тоа што пред повеќе од три месеци, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, при својата официјална посета на Бирото за метрологија јавно изјави дека во најкус можен рок ќе биде ставен во функција државниот еталон за проверка на точноста на броилата за електрична енергија, сакаме да поставиме неколку прашања од технички и јавен интерес, во рамките на правото за пристап до информации од јавен карактер.

 

Ве молиме да ни доставите одговор на следниве прашања:

 

1. Дали е инсталиран, технички проверен и ставен во функција државниот еталон – софистицираната опрема за тестирање и верификација на броила (трифазен систем за мерење) – кој, според Министерството, повеќе од 7 години стоел неискористен во просториите на Бирото за метрологија?

 

2. Доколку опремата сè уште не е ставена во функција, во која фаза се тендерската постапка, техничката проверка, инсталацијата и обуката на персоналот и кога се очекува почеток на активна работа?

 

3. Дали физички лица (граѓани – крајни потрошувачи) можат да побараат од Бирото за метрологија проверка и/или верификација на сопствено електрично броило, и која е постапката за тоа? Кој ги сноси трошоците доколку уредот е точен, а кој ако се утврди отстапување?

 

4. Колку поплаки или индивидуални пријави од граѓани за сомнеж во точноста на броила се примени од 1 јануари 2023 до 31 мај 2025 година, и колку од нив резултирале со утврдени отстапувања од дозволената класа на точност?

 

5. Кога последен пат Бирото извршило инспекциски надзор над лабораторијата на ЕВН, и какви биле наодите од тој надзор?

 

6. Кои типови и модели на електрични броила моментално се користат кај домаќинствата и малите потрошувачи и дали Бирото располага со технички податоци (класа на точност, опсег, комуникациски капацитети и сл.) кои можат да бидат ставени на увид на јавноста?

7. Дали Бирото за метрологија може да овозможи стручно-информативна посета на група инженери и состанок со техничкиот персонал од лабораторијата за електрични големини, со цел запознавање со применетите стандарди, методологии, мерна опрема и процесите на верификација?

Бараме наведените информации да ни ги доставите во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, во електронска форма по пат на е-маил или во писмена форма, во законски предвидениот рок.

Back to top button
Close