Институтот за белодробни заболувања доби опрема за третман на пациенти и доопремување на мобилната клиника

– Турската агенција за координација и соработка – ТИКА донираше медицинска опрема на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза во Скопје и го реализираше проектот „Мобилна клиника“.
Министерот за здравство Венко Филипче изрази благодарност до Агенцијата ТИКА, укажа на заедничките проекти и додаде дека со тоа се направени сериозни поместувања, зајакнувања на здравствениот систем. Потсети на болницата ГАК во Чаир, интензивната нега на Педијатриската клиника.
Филипче информира дека се работи за проект со кој се поддржува работата на Институтот за белодробни заболувања, кој е познат по искуствата на идентификување на многу специфични белодробни заболувања. Во овој момент еден дел од овој Институт, како што рече, е целосно посветен на третман на пациенти заболени од Ковид, благодарение на искуството коешто го има во третирањето на пациенти кои имаат болести на белите дробови.
-Станува збор за донирана опрема од страна на Агенцијата ТИКА со што се доопремува мобилната амбуланта, а со ова здравствената услуга ја приближуваме кон пациентите посебно во региони кадешто е тоа потешко достапно за граѓаните и нешто што освен во делот на специфичните белодробни заболувања, имајќи ги предвид сите овие актуелности во врска со последиците од Ковид и може да значи полесен пристап до идентификување на вакви компликации кај граѓаните коишто прележале Ковид. Дополнителната опрема за Институтот е опрема којашто значи еден поголем квалитет во делот на третманот во заболувањата на белите дробови, изјави министерот Филипче.






