Интегрални преводи на романите „Америка“ и „Замок“ на Кафка во издание на „Антолог“

Издавачката куќа „Антолог“ најави објавување два романа на Франц Кафка со интегрални преводи на македонски јазик што првпат ги вклучуваат и оригиналните предговори на неговиот пријател Макс Брод.  „Антолог“ соопшти дека утре ќе излезат од печат романите  „Америка“, во превод на Душанка Каевска, и „Замок“ – во превод на Бобан Здравковски Андреевски, со тематски дизајн на кориците изработен од Марко Трпески.

– Со ова само се поставува курсот на она што е планирано за претстојниот период, а тоа е пред сè објавување на капиталното дело „Процес“ – исто така првпат во интегрален превод од оригиналот, „Дневниците“ на Кафка, но и на другите негови познати и помалку познати дела, информира издавачката куќа.

Жарко Кујунџиски, главен и одговорен уредник во „Антолог“, вели дека објавувањето на целосните дела на Кафка е најпрвин исполнување негова лична желба уште од училишните денови, но и голем придонес кон издавачката продукција.

-Зашто навистина нашата читателска публика заслужува да ги има достапни на македонски јазик делата на можеби најзначајниот и најенигматичниот автор на сите времиња. Една од првите десет книги објавени во рамките на нашата еминентна едиција „Бранови“ е токму романот „Америка“, чии количини веќе од поодамна беа исцрпени, па неговото реобјавување, но со тематски дизајн, е само прв чекор во новата приказна што планираме да ја испишеме, истакнува Кујунџиски.

„Антолог“ посочува дека Франц Кафка бил автор на визионерска фикција, поседувајќи извонреден талент за соединување на елементите од реализмот и фантастичното.

-Незалудно неговиот „кафкијански“ стил е влезен како поим во сите книжевни енциклопедии. Според сведочењето на Макс Брод, Кафка го замолил да ги запали сите негови необјавени и незавршени ракописи и романи по неговата смрт. Брод не го послушал, постхумно објавувајќи ги „Процес“ и другите книги што станале класици, наведува издавачката куќа најавувајќи го излегувањето на два романа на Кафка со оригиналните предговори на Макс Брод.

поврзано:
Борхес за Кафка: Најнеоспорниот талент на Кафка е смислувањето на неподносливи ситуации

Back to top button
Close