Иран инсистира на контрола врз Ормуската Теснина


Иран инсистира на целосна контрола врз пловидбата во Ормуската Теснина, пренесе ДПА:

Новинската агенција Тасник денеска јави дека портпаролот на иранските вооружени сили изјавил дека ситуацијата во протокот нема да се врати во претходната состојба, туку дека „сè што сакаме, ќе се случи“. На сите бродови поврзани со САД или Израел ќе им биде забранет преминот, рече портпаролот.

– Одлуката за тоа дали ќе се додели дозвола за транзит зависи од нас-додаде тој.

Малку е веројатно дека САД ќе го прифатат ова барање во какви било потенцијални мировни преговори, коментира ДПА.

Портпаролот, исто така, ја истакна централната улога на протокот на глобалните енергетски пазари, предупредувајќи дека Иран може да влијае врз цените на нафтата. Околу 20 проценти од светските пратки на нафта и течен природен гас поминуваат низ Ормуската Теснина во мирнодопски услови.

Според делегацијата на Иран во ОН, на бродовите кои не се сметаат за непријателски и не поддржуваат воена акција против Иран, им е дозволено да ја користат морската рута – под услов да се усогласат со иранските прописи и да се координираат со властите.

Водниот пат, кој е клучен за меѓународната трговија со енергија, е практично блокиран за голем дел од пловидбата. Иранските предупредувања за мини и напади со дронови, заедно со повлекувањето на осигурувањето од воени ризици, го направија транзитот речиси невозможен за многу западни оператори, оставајќи стотици танкери и товарни бродови заглавени во регионот.

Back to top button
Close