Иранската револуционерна гарда вели дека „ги чека“ Американците во Ормускиот теснец по заканите од Вашингтон

– Иранската револуционерна гарда соопшти дека ги „чека“ Американците, откако министерот за енергетика на САД Крис Рајт изјави дека морнарицата се подготвува да ги придружува трговските бродови низ стратешки важниот Ормуски теснец, каде што поморскиот сообраќај е практично парализиран поради војната во регионот, објави иранската новинска агенција Фарс.

– Ги чекаме. Препорачуваме Американците, пред да донесат какви било одлуки, да се сетат на инцидентот од 1987 година со американскиот супертанкер Бриџтон и танкерите што неодамна беа цел на напад, изјави портпаролот на Иранската револуционерна гарда, Али Мохамед Наини.

Кувајтскиот супертанкер Бриџтон, кој пловеше под знамето на САД, беше погоден од мина во јули 1987 година додека беше под придружба на американската морнарица. Бродот почна да се полни со вода, но ниту еден од 26-те членови на екипажот не беше повреден. Бродот успеа да го продолжи своето патување со намалена брзина и да стигне до пристаниште во Кувајт.

Тогашниот ирански премиер Мир Хосеин Мусави, оцени дека инцидентот нанел „непоправлив удар врз политичкиот и воениот углед на Соединетите Американски Држави, како и врз кредибилитетот на американската политика во Заливот“, бидејќи „Вашингтон и неговите сојузници претходно објавија дека ги деактивирале мините што го загрозувале конвојот“.

САД и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари, на што Техеран одговори со испукување ракети кон Израел, Кувајт, Бахреин и други земји од Блискиот Исток.

Back to top button
Close