IRL-Ахмети и Груби на вечера со Заев пред Бадник во Струмица

Пишува: Бојан Стојановски

Започна во невладиниот сектор пред повеќе од 15 години. Продолжи во Холандската амбасада каде што инстантно беше отпуштен откако учествуваше во тепачки со етнички предзнак на Калето. Денеска Артан Груби е прв помеѓу вицепремиерите, а во моментов е под оган во партијата иако ја ужива заштитата на Али Ахмети. Миленик е и десна рака на Али Ахмети, а тоа го доведе и до високите позиции во Демократската унија за интеграција (ДУИ). Но, неговиот брз хиреахиски напредок, како во партијата така и во Владата, ги разгоре страстите во ДУИ – „Огнената група“ бара Али Ахмети да го смени од вицепремиер. Но наместо смена, засега неразделните Ахмети и Груби пред Божиќ биле во Струмица на гости кај поранешниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев. Разговарале за политичката ситуација, а екс премиерот ги убедил дека не крои сценарио како ДУИ да биде исфрлена од евентуално нова широка влада.


Политички турбулентниот период во ДУИ, несогласувања и остри тонови, Артан Груби да биде променет од прв вицепремиер во Владата, засега не допираат до претседателот на партијата Али Ахмети. Политички Груби останува безбеден, а барањата на таканаречената „Огнена група“ за демократизација на ДУИ нема да бидат исполнети. Артан Груби во поткастот „Разговор во редакција“ посочи дека и во минатото до Ахмети доаѓале барања од истакнати членови и партиски ограници да бидат сменети одлуки на Ахмети кога станува збор за негови кадровски решенија. Груби објасни дека не се точни тврдењата на неговите сопартијци – Изет Меџити, Блерим Беџети и останатите од „Огнената група“ дека се реализирани само два отсто од програмските ветувања на ДУИ дадени 2020 година на предвремените парламентарни избори. Во момент кога „Огнените“ започнаа средби со партиски членови по Нова Година, со исто темпо и партиски трибини возвратија и Ахмети – Груби. Сепак, тие двајца освен на средби со членството, пред Божиќ биле и на неформална средба со Зоран Заев. Поканата за Али Ахмети да оди во Струмица била оддамна, но поради политичките шпекулации дека Заев кумува на евентуална широка влада без присуство на ДУИ, бил доволен повод лидерот на ДУИ за прв пат во својот живот да ја посети Струмица.

„Сега брзо, на петти јануари, ден после роденденот на господинот Ахмети. Значи на 5ти јануари. Се видовме со господинот Заев како што ви кажав, разговаравме околу четири часа. Он ни беше домаќин, за прв пат господинот Ахмети отиде во Струмица да се види со господинот Заев на негова покана и разговаравме околу актуелностите. Така што и околу господинот Заев и од сите учесници на тој состанок од 21 декември, вклучително и премиерот Димитар Ковачевски сме уверени и апсолутно веруваме дека такви некои сценарија не се ниту разгледувани, не се ниту прифатливи. Ниту за господинот Заев, ниту за претседателот и премиерот на СДСМ, Ковачевски“, рече Артан Груби во поткастот „Разговор во редакција“.

Повод за состанок помеѓу Заев и Ахмети, бил состанокот кој на 21 – ви декември се одржал помеѓу поранешниот и сегашниот премиер и шпекулациите дека се кова широка влада помеѓу ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ и исклучување на ДУИ од власта. Груби е убеден дека по средбата со Зоран Заев, ДУИ не го дефакторизирала актуелниот премиер Димитар Ковачевски.

„Не, апсолутно. Јас мислам, односно не мислам, знам дека господинот Ковачевски има целосна и апсолутна поддршка од господинот Заев и од сите структури, вклучително тука и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и другите предводници на СДСМ“, вели Груби.

Освен за шпекулациите дека се подготвува евентуално маргинализирање и праќање во опозција на ДУИ, Заев, Ахмети и Груби разговареле и како да се дојде до 80 пратенци за Уставни измени.

„Значи ние нема за што да се договараме на средбата со господинот Заев, туку разговараме за можни начини со кои што би обезбедиле најмалку 80 гласови, а идеално сите да гласаат за уставните измени и секако разговаравме за тоа како беше во 2017та и 2018та, 2019та и како е можно да се реализираат уставните измени и сега. Секако со огромен придонес овде и предводник на целиот процес е премиерот Ковачевски. Имаме идеји, имаме иницијативи, не подалеку од неделава веќе ги започнавме процесите и верувам дека јавноста ќе не поддржи целосно но ќе не поддржи и опозицијата“, објасни Груби. 

Целиот текст на  IRL MK

 

Back to top button
Close