ИРЛ: Претседателката на ДКСК шпион на криминалната група за случајот „Адитив“

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција осомничи нови три лица во случајот „Адитив“ за набавката на хемиски препарати против згура и троска за термоелектраните РЕК Битола и ТЕЦ Осломој. Обвинителите, информациите дека и други луѓе се поврзани со овој случај надвор од оние кои досега се обвинети ги добиле по вештачењето на мобилните телефони. Податоците покажале дека поранешниот директор на ТЕЦ Неготино, Небојша Стојановиќ комуницирал со претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК). Нивната комуникација открила дека Татјана Димитровска со него споделувала сензитивни информации кои не смеела да ги сподели, пишува ИРЛ

„Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот Адитив и одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈО ГОКК“, соопштија од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. 

Татјана Димитровска во период од осум месеци од мај до декември 2024 година на Стојановиќ во два наврати го известила за постапки во комисијата поврзани со него. Осомничена е за „Оддавање службена тајна“ заедно со поранешна финансиска директорка во ТЕЦ Неготино.

Тоа е периодот кога МВР и Јавното обвинителство, а по објавените стории на  Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), веќе почнаа да истражуваат злоупотреби и сомнежи за перење на пари во кои беше инволвиран Небојша Стојановиќ и други високи функционери кои биле на позиции во Државните електрани.

„Откако од Одделот за криминалистичка полиција кој постапувал по наредба на ОЈО ГОКК, било доставено Барање за доставување на документацијата која се однесува на спроведена постапка за набавка на мазут за периодот од 2021-2023 година, таа преку апликација WhatsApp на телефонски број на обвинетиот му испратила фотографија од известувањето“, соопшти Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Татјана Димитровска и поранешната финансиска директорка во ТЕЦ Неготино се второ и трето осомничени. Првоосомничен во новата истрага е извесен Борче Најдов од Неготино, вработен во семејната фирма на Небојша Стојановиќ „Хем – алијанс“. Се сомничи за перење пари, злоупотреба на службена положба и злоупотреба на постапка за јавен повик.

Во периодот од месец декември 2023 до ноември 2024 година од правното лице во коешто бил вработен во 84 наврати примил парични средства на име трошоци за службени патувања од значителен износ, средства кои правното лице ги прибавило со сторување на кривичното дело Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство. Овие средства со цел да го прикрие понатамошниот нивен тек, ги пуштил во оптек и ги подигнувал во готово“, извести Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. 

Кривичниот суд на првоосомничениот Борче Најдов му определи притвор од 30 дена. На второосомничената поранешна директорката од ТЕЦ Неготино и третоосомничената – претседателката на ДКСК Татјана Димитровска, им се определeни мерки за претпазливост. Димитровска остана без пасош и во ДКСК има забрана за контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на комисијата, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.

Инволвираните бришат траги кои ги поврзуваат со „Адитив“

Конекциите помеѓу Борче Најдов и поранешниот директор на ТЕЦ Неготино Небојша Стојановиќ датираат поодамна. Освен што се сограѓани, тие имале и деловни контакти. Најдов бил вработен во фирма во сопственост на Стојановиќ „Грин стар енд“, чија дејност била трговија со хемиски производи. Фирмата е згасната во 2021, а Најдов во моментов е вработен во фамилијарната компанија на семејството Стојановиќ „Хем-алијанс“.

ПОВЕЌЕ

Back to top button
Close