Исчезнатата подморница останува без кислород денеска во 13:08 часот

Американската стража предвидува дека најдоцна во 13 часот и 8 минути ќе се потроши кислородот во подморницата Титан.

Кен Ледез, експерт за хипербарична медицина на Универзитетот Меморијал во Сент Џонс, Њуфаундленд  вели дека преживувањето по губењето на кислород зависи од метаболизмот и е различно кај секого.

Според него преголемата активност може да предизвика забрзување на метаболизмот и повеќе јаглерод диоксид.

Истакнал и дека „хипотермијата може да биде нивен пријател“.

– Постои можност да преживеат и доколку доволно се оладат и изгубат свест да преживеат. Срцето може да биде многу бавно кога е студено, рекол тој.

Потрагата сега опфаќа површина двојно поголема од државата Конектикат и оди на длабочина до 4 километри. Матичниот брод на подморницата „Полар принц“ е командниот центар на потрагата и тој се наоѓа на локацијата каде што потона бродот „Титаник“.

Уште се испитува дали звуците кои беа регистрирани вчера со сигурност дошле од подморницата.

Според Арон Њуман пак, инвеститор во компанијата Оушн Гејт, која го организирала патувањето со подморницата, „Титан“ е дизајниран да се врати на површината по 24 часа. За Си-Ен-Ен тој изјави:

– Титан држи товар под вода, големи тежини кои помагаат да се стабилизира бродот, кои автоматски се ослободуваат по 24 часа за да може подморницата да излезе на површината. Подморницата е дизајнирана да се враќа.

– Членовите на екипажот знаат дека можат да го ослободат баластот со нишање на бродот или со користење на пневматска пумпа. Ако сето тоа не успее, јажињата што го прицврстуваат баластот се дизајнирани да се распаднат по 24 часа за автоматски да го испратат назад на површината на океанот -додаде тој.

Тимови од САД, Канада и Франција пребараа повеќе од 25.900 квадратни километри на отворено море, приближно со големина на Либан, во областа на Атлантикот каде исчезна подморницата со пет лица, но засега нема резултати. изјавија денеска официјални лица.

Според американската крајбрежна стража звуци како вчерашните биле регистрирани и денеска од подводните удреди кои со сонар барале сигнали.

Капетанот на крајбрежната стража Џејми Фредерик на прес-конференција рече дека анализата на звуците „не резултира со конкретни заклучоци“.

– Не знаеме за што се работи. Бараме во областа каде што се слушна – рекол Фредерик.

Скандал изби во јавноста откако се дозна за техничките фалинки на „Титан“. Подморницата тргна да го извиди историскиот „Титаник“ на речиси 4 километри под површината на морето, на самото дно, но управана е со евтино далечинско од 30 долари. Таа исто така има импровизиран тоалет и е прилично тесна за пет луѓе, од нив само едно би можело да си ги спружи нозете.

Се шпекулира дека дури и да биде најдена подморницата, извлекувањето на луѓето ќе биде огромен подвиг поради длабочината на која тие веројатно се наоѓаат, но и затоа што отворањето на капакот се прави од внатрешна страна, што значи, останува на петтемина внатре да соберат сила и да го отворат.

Според едни информации, патниците потпишале изјава дека компанијата Оушн Гејт нема да биде одговорна за нивната евентуална смрт во експедицијата.

Картата за патувањето била 25.000 долари по човек, а меѓу петмината заглавени се Пакистанец и неговиот син, француски истражувач, британски милијардер и газдата на самата компанија Оушн Гејт.

Се работи за пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот 19-годишен син Сулејман, францускиот истражувач Пол-Анри Наргело, британецот Хамиш Хардинг и Стоктон Раш, извршниот директор на Оушн Гејт.

Подморницата „Титан“ е долга 6,7 метри. Таа исчезна во неделата со пет лица на бродот кога тргнала на туристичка обиколка на остатоците од „Титаник“. Подморницата изгубила контакт со својот матичен брод на површината за време на двочасовното нуркање. Конактот бил изгубен по час и 45 минути

Back to top button
Close