Исмаил: ДКСК ја урива довербата – постои корупција кај антикорупционерите

На седницата за пратенички прашања, пратеникот и потпретседател на Левица, Реџеп Исмаил, упати критики до претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) за неактивноста и потфрлањето на институцијата, особено, во случајот со скандалозното назначување на Бојан Христовски за директор на АНБ.

–Како може ДКСК да тврди дека Христовски не е партиски кадар, кога неговите јавни активности и поддршката за владејачката партија се очигледни? Згора на тоа, неговата диплома е од универзитет со спорна репутација, во сопственост на поранешен градоначалник од истата партија, посочи Исмаил.

Пратеникот од Левица додаде дека назначувањето на Христовски за директор на АНБ било контроверзно по многу основи.

–Значи, почнувајќи од неговата диплома која е прибавена од приватен универзитет каде што се штанцаат дипломи, каде што во програма од четири години се добива диплома за една година, до уште еден поскандалозен момент, а тоа е што тој универзитет е во сопственост на поранешен градоначалник на истата партија, која сега Бојан Христовски го назначува за директор на АНБ, рече потпретседателот на Левица.

Исмаил ја осуди и одлуката на Комисијата да го предаде на истражување предметот за Христовски на член на Комисијата кој има деловни врски со истиот универзитет.

–Да биде уште понелогична ситуацијата, вие назначувате член од вашата комисија да го истражи овој случај за неговата диплома во Универзитетот каде што тој ист член има деловна врска со истиот универзитет, додаде Исмаил.

Пратеникот од Левица потенцираше дека ваквата партизираност на функцијата и пасивноста на ДКСК сериозно го нарушуваат кредибилитетот на институцијата.

Back to top button
Close